Радио МОФ @ Cinedays – „Двоина“

На фестивалот „Cinedays“, вчерашната беше уште една вечер посветена на филм од Балканот, овој пат станува збор за „Двоина“  на младиот и талентиран Nejc Gazvoda од Словенија.

Радио МОФ @ Cinedays - „Двоина“

Двоината, според речничката дефиниција, е граматичка категорија која се однесува на два поврзани дела. Во истоимениот филм, пак, станува збор за две млади девојки – Тина од Словенија (Nina Rakovec) која се „гуши“ во Љубљана и сонува да патува низ светот, и Ибен од Данска (Mia Jexen) која останува една вечер во градот поради откажувањето на нејзиниот лет до Атина. Тина и Ибен се навидум многу спротивни, но харизматичноста, тешките животни патишта и борбата за своите соништа се она што ги спојува. Во текот на само 24 часа, тие поминуваат низ многу ситуации и се осознаваат целосно. Крајот е недефиниран, оставено е на секој од гледачите според својата замисла да ги обликува понатамошните судбини на девојките.

Интересен факт за филмот е тоа дека целиот работен процес траел точно 1 година, а се снимал само 28 дена. Локациите во филмот се намерно и симболично одбрани, за да ги прикажат важните места во Љубљана кои имаат посебно место во срцата на нејзините граѓани и посетители. Исто така песната на данското дуо „Monkey Cup Dress“, користена за најавната и одјавната шпица, останува долго во глава и тера на повторно размислување за филмот. Во него, освен што гледаме шармантна и префинето спакувана приказна, се обработуваат и многу подлабоки општествени теми на суптилно ниво. Опфатен е и моменталниот менталитет на младите во Словенија и нивните желби и потреби, тешките семејни односи, ставот на општеството кон ЛГБТ заедницата.

„Двоина“ е филм ослободен од драматични тензии и фатални пресврти. Колку и лесно да звучи ова,  бара голема емотивна вклученост за да се доживее во целост. Иако сцените се полни со среќни моменти и многу насмевки, во целосниот впечаток за филмот преовладуваат тажната нота и храбрата борба за своите цели.

 

Јована Ѓорѓиовска