Две песни и две нивни ремикси се наоѓаат на „И бол и бес“, новото EP на скопскиот музичар Сашо Митревски, кој ова своето последно музичко парче го објавува за независниот издавач „Шарла“ (Sharla).
„(Митревски) свири гитара и се занимава со компонирање од кога памти за себе. Вели дека музиката како можност за изразување на своите најдлабоки емоции ја чувствува како лек, прибежиште, потреба, неопходност, зависност, вечно себепронаоѓање и копнеж кон создавање на убави нешта. И денес после токолку години живеење за музиката сè уште чувствува потреба нешто да каже и да се бори со својот порив за создавање кој станува се послоен и повозбудлив. Верува во нов почеток и дека со секој нов отворен прозорец играта станува сè поинтересна и попривлечна“, соопштуваат од „Шарла“.
Во деведесетите години од минатиот век Митревски свири во неколку маалски бендови со кои што има неколку забележителни настапи на тогашниот „Рок фест“, кој што се оддржуваше во МКЦ Скопје.
„Првиот посериозен материјал го снима 2004 тата година со бендот ‘Никотин’ којшто под етикетата на ‘ПМГ Рекордингс’ е издаден неколку години подоцна. Со неговиот матичен бенд ‘Милко’ сними три долгосвирачки албуми и две ЕП изданија. Во бендот ‘Мугер Фугер’ учествува на неколку албуми како гитарист и текстописец. Како соло артист има издадено 2 ЕP изданија“, велат од „Шарла“.
Инаку, текстот, музиката, аранжманот, вокалот, гитарата и бас гитарата на „И бол и бес“ се на Сашо Митревски.
Синтот и пијаното се на Огнен Мангаровски. „Тапани на „И бол и бес“ – Давид Ѓорѓиев. Фарфиса, ритам програмирање, аранжман, продукција, микс, мастеринг – Ивица Јанкуловски.
Ремиксите на „И бол и бес“ и „Збогум“ се на Александар Ников.
Фотографија/омот е на Давид Ангелевски. EP-to е снимено во студио „Алшар“ во 2023-2024 година.