[Фото] Макета на јавен тоалет се појави во Градски парк – нова герила акција за недостатокот на јавни тоалети во Скопје

Утрово во Градскиот парк во Скопје е поставена макета на јавен тоалет, како дел од серијата герила акции на уметникот Озбек Ајваз преку кои се алармира за недостатокот на јавни тоалети во Скопје.

Ајваз во соработка со архитектката Натали Велеска прикажаа предлог решение преку макета, односно конструкција со испринтан тоалет во паркот.

„Тоалетот би бил изведен од метална контрукција, обложен со дрвени панели, неговите димензии би биле минимални 150 X 250 X 250 сантиметри, за да биде поекономичен за масивно производство и за понатамошно одржување. Исто така овој тоалет би имал можност да се постават и соларни панели на кровот, и исто така да има извор на природна вентилација и светло. Екстериерот на тоалетот би имал зелени ѕидови – вертикално поставени растенија), кои би служеле како разубавување на градот и истите би се наводнувале преку поставениот дождовник од кровот на тоалетот“, се вели во соопштението за акцијата.

Исто така, од страната на макетата има прикажано мапа на Градот Скопје, со означени локации каде би биле идеалните места во градот, каде што најмногу се најнеопходни тоалети за главниот град и општините, вели Ајваз.