Во сабота (25 мај) во Школка во Градскиот парк – Скопје истражувачи и активисти ќе побараат преземање акција за превенција од негативните климатски влијанија врз нашата држава.
„Климатските промени претставуваат една од најголемите закани за нашето општество. Не само што влијаат на нашата животна средина и здравје, туку ја загрозуваат и нашата економија, земјоделството и природните ресурси. Времето за дејствување е сега, за да обезбедиме сигурна и одржлива иднина за следните генерации“, велат од „Гоу Грин“ кои се организатори на настанот.
Според најавата на Школка ќе има зелени штандови што ќе ги претстават локалните бизниси и организации, промовирајќи еколошки свесен начин на живот. Овие штандови, велат од „Гоу Грин“ овозможуваат сите преку личен пример и акција да придонесат кон подобра животна средина преку мали, но значајни промени во нашите секојдневни навики.
„Исто така, младите ќе имаат можност преку инфо-точките на Гоу Грин да се запознаат поблиску со програмите и активностите што ги нудиме за нив. Ова е одлична можност за младите да се вклучат и да станат дел од климатската акција која е од витално значење за нашата иднина“, се вели во најавата.
Покрај говори, ќе настапи и бендот „Vertigo“ и ќе има различни активности, игри, правење на бомби од семиња и боење на банери.