Бобан Кочески е млад човек од Охрид, кој е активен младинец и е дел од Собранието на млади при Општина Охрид. Тој постојано учествува во разни иницијативи кои ги засегаат младите, и е дел од локалната младинска организација при ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, а членува и во Советот на Ученичката заедница при неговото училиште како претставник на учениците од IV година. Тој е дел и од проекти на разни невладини организации, Еразмус+ проекти, и често учествува на обуки, проекти и настани во Младинскиот центар во Охрид.
Младите не се доволно активни во општествените промени
Тој смета дека е невозможно да има просперитетна и европска иднина без активни млади.
„Моето убедување е дека не се доволно еманципирани за да донесуваат одлуки за своето и за доброто на сите млади. Ние, младите, можеме да извршиме радикална дистинкција. Можеме да станеме гласот на промената. Можеме да застанеме зад нашите права и да се избориме за нашата позиција во дискусијата за иднината на оваа земја“, вели Кочески.
И Надица Монеска од Струга вели дека како млад човек често се приклучува во иницијативи за кои смета дека се важни за развојот на нашето општество, но и во оние коишто се надополнуваат со нејзините лични аспирации, желби и личен развој.
„Приклучувањето кон активизмот нуди значаен и влијателен начин да се придонесе за позитивни промени, да се создаде солидарност и да се застапува за поправеден, правичен и одржлив свет. Без разлика дали преку мали секојдневни акции или напори за организирање од поголем обем, активизмот ги овластува поединците да бидат агенти на промени и да направат разлика во светот околу нив“, вели Монеска.
Ваквите искуства се доказ дека младите на локално ниво имаат интерес да бидат дел од повеќе граѓански активности кои ги засегаат нив и ги адресираат нивните предизвици и дека знаат и можат директно да придонесат за прашањата кои ги засегаат. Сепак, не секогаш се вклучуваат во практика или пак понекогаш губат мотивација.
Споделување на информациите е важно за поголема вклученост
Георги Ставрески од Црвен крст Охрид вели дека младите сакаат да се вклучат во нивните активности што ги имаат како организација и за таа цел постојано комуницираат со јавноста.
„Црвен крст Охрид врши редовна дисеминација, односно од најмала возраст, па етапно ги запознава младите со основите на првата помош, со можноста преку програмата за промоција на хумани вредности да создаваат мали проекти со големо значење за општеството и со разни други активности со кои младите ќе излезат од една комфорна зона и квалитетно ќе го потрошат слободното време правејќи позитивни ефекти. Клубот на млади, кој функционира во рамките на Црвен крст Охрид, е местото каде што младите волонтери имаат можност да се дружат, да се едуцираат, да го исполнат своето слободно време во реализација на корисни проекти“, вели Ставрески.
Според него, за мотивирање на што поголем број млади да бидат активни за прашањата кои ги засегаат, мора да се работи на едукацијата и промоцијата на активностите од разни организации, бидејќи различни индивидуи имаат различно поле на интерес и важно е да се допре до нив нудејќи им ја областа во која сакаат да работат и да придонесат со својот ангажман.
На младите им треба менторство и водење низ процесите
Разговаравме со повеќе млади, како и со младински организации. Тие велат дека има уште многу работа за тоа младите да бидат активни учесници во граѓанскиот живот и да станат дел од различни независни иницијативи кои се фокусирани на нивните потреби.
Ндерим Положани, претседател на невладината организација КАБ Струга, вели дека нивните искуства покажуваат дека младите сакаат да бидат активни и затоа е важно да имаат ментори и професори кои ќе ги инспирираат и ќе им дадат поддршка.
„Младите имаат потреба за поддршка и за мотивација и тие ќе те поддржат за секакви волонтерски акции. Младите бараат професори или ментори кои ќе ги водат низ некоја акција што е добра за општеството. Училиштата треба да организираат повеќе воннаставни активности. На овој начин тие се мотивираат повеќе, но доволен им е еден добар и искрен говор за некоја намена и тие се тука да помогнат“, вели Положани. Тој додава дека во следниот период треба да се работи повеќе на тоа и Струга да добие младински совет и центри во општината.
Од Здружението за афирмација на културата „Багер Генезис 2.0 Струга“, организација која работи на афирмација на културата во Струга и примарно се занимава со организација на филмски фестивал и други активности од областа на филмската уметност, велат дека според нивните искуства младите сакаат да се вклучуваат во ваков тип на активности.
Културен активизам за да се адресираат проблемите на младите
„Сметајќи дека ние се занимаваме со културен активизам и креирање на културни политики за градот, токму таа специфичност во нашиот случај е привлечна за да ни се придружат младите. Вклучувањето во организацијата на филмски фестивал на младите им овозможува поблиска средба со филмот како уметност и претставува силна алатка за активизам, средба со реномирани имиња од областа на филмот од Македонија и Европа, можност за вмрежување, а некогаш и раѓање на љубов кон филмот како нивна идна професија. Покрај филмскиот фестивал, нашите активности вклучуваат и работилници за филм, каде младите учат како да направат филм, но имаат и практична работа и снимање на филмови и реклами. Токму овие активности досега се покажаа како најпривлечни за младите во Струга“, вели Јаков Попоски од ова Здружение.
За мотивација на младите да се вклучат во нашите активности најмногу помага специфичноста, да видат одблиску како се развива филм од иницијална идеја, понатаму како се продуцира филм, можноста за средба со филмски имиња и можноста да се биде дел од културната мапа на градот. Секако, дополнителна мотивација е потенцијалот што го поседува филмот како уметничка дисциплина, креативно да се користи младите да ги адресираат прашањата кои ги засегаат во средината во којашто живеат“, вели Јаков Попоски од „Багер Генезис 2.0“.
Младите на локално ниво сè уште имаат надеж
Младите на локално ниво сè уште имаат надеж дека работите се подобруваат и поголем дел од младите стануваат поактивни отколку во минатото. Младиот Албан Бакали од Струга вели дека иако ситуацијата е далеку од совршена, сепак во последните години дефинитивно има зголемување на активноста на младите, особено на локално ниво.
„Според она што го гледам од моите пријатели и други млади, интересот е сè поголем. Многу луѓе се активни и има повеќе клубови за млади отколку што имаше во минатото. Сметам дека сум доста активен во младинските иницијативи, посебно во последните две години. Се приклучив на многу клубови и имав можност да работам на многу проблеми кои ги засегаат и младите луѓе, главно проблеми со животната средина. Навистина ми е драго за сите тие искуства“, вели Бакали и додава дека во следниот период треба да се работи на уште поголемо младинско учество во неговиот град.
Автори:
Наталија Чуркоска
Петар Сарафилоски
Игор Јосифоски
Ѓоко Јузмески
Xристијан Јанкуловски
Менторка:
Кристина Озимец
Фотографии:
Наталија Чурукоска
Кристина Озимец
Овој текст е изработен во рамките на регионалната иницијатива на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот на Обединетите нации за градење мир што го спроведуваат УНФПА, УНДП, УНЕСКО и UNWOMEN, чија цел е да ги поттикне младите да се вклучат во конструктивни наративи, јакнење на меѓукултурен дијалог, инклузија, родова еднаквост и креирање заедничко разбирање и доверба во Западен Балкан.
Ставовите изразени во овој текст се ставови на говорниците и не секогаш ги претставуваат ставовите и мислењата на Фондот на Обединетите нации за градење мир, на УНФПА или на УН Северна Македонија.