Промоција на стихозбирката „Моето алтер его“ од Елеонора Николовска во Крива Паланка

Во НУ Центар за култура – Крива Паланка, вечерва (28 мај), со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана стихозбирката „Моето алтер его“ од поетесата Елеонора Николовска, во рамките на манифестацијата „Крива Паланка – град на културата 2024“.

Како што информираат организаторите, станува збор за збирка од 47 лирски песни со посебно изразена живост, преку кои Николовска порачува: „Никој нема совршен живот, но сите имаме совршени моменти“.

Рецензентка на збирката е Силвана Крстовска, а промоторка Ирена Белешковска.

Стихови ќе чита поетесата Емилија Колевска, а свој соло настап ќе има Нина Николовска.

Илустрациите на поетската збирка се креирани од Ана Срока, преку колаж на цветни мотиви што ги разигруваат страниците полни со емоции.

Елеонора Николовска е родена во Крива Паланка. Дипломира на Филолошкиот факултет, а подоцна магистрира менаџмент на човечки ресурси.

Авторка е на збирката поезија „Чекајќи го животот да се случи“, (2021) и збирката раскази „Расказите раскажуваат“ (2023).

Нејзините поетски творби, раскази, сатирични песни, афоризми и други творби се објавени во над 70 збирки, зборници, списанија, антологии на македонската и балканска книжевна сцена.