Државниот недвижен имот неефикасно се управува и стопанисува, утврди Државниот завод за ревизија

Законската регулатива не создава услови, а активностите на надлежните институции не обезбедуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – станбен и деловен имот, ова го утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Со ревизијата, како што е истакнато, е оценето дека постојната законска регулатива, мерките и активностите кои се преземани од Владата и другите надлежни институции не овозможуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот.

Од ДЗР велат дека постоечката законска регулатива има воспоставено систем со разграничени надлежности меѓу институциите во однос на одлучување, управување, располагање и евидентирање со државниот недвижен имот.

„Утврдено е дека законската регулатива не предвидува обврска за изработка и донесување на стратешки документи за управување со државниот имот, поради што Владата на РСМ нема донесено национална стратегија за управување, користење, одржување и отуѓување со државниот недвижен имот, ниту државна стратегија во областа на домувањето, иако има законска обврска за истото. АДИССПДП и АДСДП немаат изготвено стратешки документи со долгорочни приоритети и цели, активности и расположливи ресурси; немаат изготвено програми за инвестиционо вложување. Не воспоставува воедначен начин на постапување на надлежните институции, а во отсуство на стратешко планирање, не се донесени ниту акти, процедури/упатства/прирачници за работните процеси поврзани со управување со недвижниот имот на ниво на држава“, се посочува во извештајот на ДЗР.

Дополнително, таму се наведува и дека законската регулатива не предвидува централизирана евиденција односно сеопфатен регистар на државен недвижен имот со финансиски и нефинансиски податоци, ниту е определен орган или тело надлежно за воспоставување на истиот.

Владата која располага со недвижниот имот во државна сопственост, од ДЗР велат дека може со одлука да го даде на времено или трајно користење, со или без надоместок, на државни органи, правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации.

Но, дека со ревизијата било констатирано дека одлуките на Владата немаат унифицирана содржина која ќе обезбеди целосни и следливи податоци и информации за институциите од кои се зема, односно на кои се дава правото на користење на имотот, начинот на примопредавање, со цел негово соодветно евидентирање.

Како резултат на ова, било утврдено различно постапување кај 9 министерства при евидентирањето  на деловниот простор што го користат. Па така, од вкупно 1.214 објекти кои ги користат, за 1.002 објекти или за 83% имаат обезбедено одлука од Владата за право на користење, додека за 212 објекти, односно 17% немаат обезбедено одлука.

Од ДЗР утврдиле и дека АДИССПДП и АДСДП имаат воспоставено „единствена евиденција“ на деловниот простор, во софтверска апликација со финансиски и нефинансиски податоци, информации за локацијата, површината, дали истиот е даден под закуп, и други технички и катастарски податоци, но не секогаш и податоци за физичката и функционалната состојба на објектите, иако софтверската апликација го овозможува истото.

Истовремено, од Државниот завод за ревизија велат дека е воспоставена материјална евиденција за објектите, но дека податоците не се ажурирани и усогласени со податоците содржани во „единствената евиденција“ и со помошните евиденции кои ги водат одделните организациони единици, по градови.

„Сè уште е евидентиран имот кој е отуѓен или за кој е одземено правото на користење, кој согласно податоците во помошните евиденции е срушен и слично, а за истиот иако реално не постои, сеуште се прават трошоци за осигурување како и трошоци за амортизација“, велат од ДЗР.

Целиот извештај може да се погледне на следниов ЛИНК.