Матурантите ги наполнија холовите во училиштата – се полагаше државната матура

Во холовите во училиштата вчера 14.834 ученици полагаа мајчин јазик на државната матура. Телефоните тие ги оставаа во посебни кутии, за да нема препишувања, а ангажирани беа и тестатори – еден за 15 деца, пишува агенцијата Meta.mk.

Одлуката годинава да се полага во холови е да се добијат пообјективни резултати и да се намали можноста од препишувања, бидејќи постоеше можноста во одредени групи и училници да не се почитуваат правилата, изјави директорката на Државниот испитен центар, Билјана Михајловска.

Наредната недела, на 8 јуни, матурантите ќе дојдат повторно. Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полагаше вчера, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни.

Мобилните телефони матурантите ги оставаа во посебни кутии / Фото: Мета.мк

Македонски јазик и литература вчера полагаа 10.088 кандидати, албански јазик и литература полагаа 4.189 кандидати, а турски јазик и литература 315 кандидати. За вториот екстерен испит, најбројни се оние што избрале да плагаат англиски јазик – 13.198, а математика одбрале 1.356 ученици.

Годинава, има нови правила при полагањето државна матура, кои ги соопшти директорката на Државниот испитен центар, Билјана Михајловска, која го посети средното училиште во Скопје „Орце Николов“.

„Испитот почна на време, материјалите беа доставени на време. Препишувањето е неисплатливо. Дури и учениците да успеат да препишат, истото ќе се види во оценувањето. Оваа година, секој препишан текст, секој текст што е идентичен, не само што ќе се бодува со нула на тоа прашање, туку целиот испит ќе биде поништен. Апелирам до учениците да не препишуваат, и тоа да не го дозволуваат тестаторите затоа што не им прават услуга“, рече Михајловска.

За државната матура ангажирани се 2.000 тестатори. Правилото налага во текот на полагањето во тие 3 часа, да нема пауза. Има можност ученикот да излезе и да се врати, до тоалет, со придружба на тестатор.

Фото: Мета.мк

Правилото кое се однесува на користењето телефон е исто како и во минатите години. Кога ученикот ќе влезе во просторијата во која полага, треба да го остави телефонот на страна, исклучен.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера ги посети струшките средни училишта „Нико Нестор“ и „Др. Ибрахим Темо“ каде, посакувајќи им успех на матурантите, рече дека очекува процесот да помине во најдобар ред, затоа што истиот е пракса веќе 16 години.

„Клучна новина годинава е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и салите на своите училишта, или во најблиското каде има соодветни услови, наместо како досега во училниците. Идејата е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот“, посочи министерот.

Фото: МОН

Тој додаде дека оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори во државната матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето и како што рече, очекува да бидат елиминирани обидите за манипулации и злоупотреби одредени начини или помагала при пополнувањето на тестовите.

Прелиминарни резултати од државната матура ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.

Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа. Во процесот, годинава вклучени се 2000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции.

Минатата година, околу 3.000 матуранти беа фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик. Препишаните есеи им се бодуваа со 0 поени. Токму поради тоа, од годинава испитот се полага во холови и во сали.

Мета