Млади ученици од музичките училишта во Скопје, Струга, Охрид и Битола ќе настапат на традиционалниот концерт на Македонската филхармонија „Младите доаѓаат“ на 6 јуни (четврток) со почеток во 20 часот, а под диригентсво на маестро Ангел Спироски.
„Овие концерти се мошне интересни и секогаш оставаат силен впечаток, затоа што носат нова енергија, елан, ентузијазам, младешки дух, и ја најавуваат новата генерација македонски музички уметници“, велат од Македонската филхармонија.
Учесниците Марија Џуклеска, Андреј Наумоски и Виктор Србиноски ќе се претстават со свирење на виолина, Летиција Кондратенко на контрабас, Ана Матеска на флејта, Ева Малиновска на виолончело, Александар Ристовски на кларинет, Матеа Стојаноска и Анастасија Милеусниќ со соло пеење, Анастасија Петреска и Џеврие Туле на пијано.
„На програмата се инспиративни и комплексни дела од Бах, Дитерсдорф, Меркаданте, Сен-Санс, Кабалевски, фон Вебер, Шуберт, Моцарт, Верди и Шостакович“, додаваат оттаму.