Формирање неколку нови министерства, спојување, како и укинување, промени и трансформации на некои агенции, секретаријати и државни инспекторати се дел од предлог измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Овие измени веќе денеска по скратена постапка ќе се најдат пред новите пратеници. За нивно усвојување е потребно двотретинско мнозинство.
Неопходноста од измените и дополнувањето на Законот, како што се наведува во предлогот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и мандадар за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски, е поради тоа и што некои органи на државната управа и управни организации, но и самостојни органи не се функционални и не ја исполнуваат нивната функција за поефикасно остварување на правата, должностите и интересите на граѓаните и правните лица.
„Преку укинување на некои институции и формирање на нови како и спојување на одредени институции се дава јасен преглед на нивната улога во извршувањето на функциите на државата во корист на граѓаните. Прецизната распределба на надлежностите исто така ќе придонесе кон функционални органи на државната управа“, се посочува во предлог-законот.
Младите во министерство, досегашната агенција во „аут“
Поранешното Министерство за труд и социјална политика сега ќе се фокусира на „социјална политика, демографија и млади“. Со ова, работите поврзани со млади ќе ги врши старо-новото министерство, додека Агенцијата за млади и спорт ќе се укине.
Во надлежностите на ова министерство сега се вбројуваат оние за планирање на семејството, децата, подготовка и развојот на демографската политика и политиката поврзана со миграциите. Исто така, подготовка и развој на политиката за млади, како и грижа за психофизичкиот развој на младите и нивна заштита.
Истовремено, во предлог-законот се вбројуваат и надлежности поврзани со поттикнување и помагање на формите на младинско организирање, преземање активности за создавање услови за задржување во земјата на способните и талентирани млади, како и создавање услови за стимулирање за нивно враќање, но и поттикнување на нивната вработливост.
Министерството за економија добива и труд, а културата туризам
Во Министерството за економија се предвидува да се вметне и „труд“, односно новиот назив ќе гласи Министерство за економија и труд.
Па така, во надлежностите на старо-новото министерство ќе бидат вметнати работните односи, вработувањето и вработеноста, заштита на работниците при работењето, материјално обезбедување на привремено невработените, како и платите и животниот стандард.
Туризмот влегува во досегашното Министерство за култура. Во областа на туризмот, како што се наведува, ова министерството ќе работи и на интегрално планирање на развојот на туризмот и комплементарни активности, развој, прогласување и одржливо користење на туристички простор и туристички дестинации од значење за туризмот, како и промоција на туризмот во земјата и странство.
Во делокругот на нивната работа ќе биде и подобрувањето на системот на вредност и конкурентност на туристичките места и производи, истражување на туристичкиот пазар и развој на туристички информациски систем и условите и начинот на вршење на дејноста на туристичките агенции.
Спортот во засебно министерство
Спортот ќе влезе во надлежностите на новоформирано засебно министерство.
Тоа ќе биде одговорно за системот, развојот и унапредувањето на спортот и физичката култура. Истовремено, министерството е предвидено и да изработува и реализира стратегии за развојот на спортот, да учествува во изградбата, опремувањето, одржувањето и располагањето со спортски објекти и спортска инфраструктура во сопственост на државата.
Нивните надлежности се однесуваат и на работи поврзани со јавниот интерес во спортот во надлежност на земјата, создавање услови за поголема достапност на спортот, развој на моралните и етичките вредности во спортот, како и следење, утврдување и поддршка на субјектите во спортот.
Тие предвидуваат и заштита од дискриминација и говор на омраза врз спортисти, спортски организации и други субјекти од областа на спортот, потоа поддршка на млади талентирани спортисти, верификација на квалификации на стручните кадри во областа на спортот, меѓународна соработка во областа на спортот, надзор во областа на спортот и други работи утврдени со закон.
Секретаријатот за европски прашања ќе прерасне во министерство
Новиот закон предвидува формирање на Министерство за европски прашања, на местото на досегашниот Секретаријат за европски прашања, односно Секретаријатот ќе продолжи да работи како Министерство.
Ова министерство е предвидено да работи на обезбедување координација и усогласување на работата на органите на државната управа и другите органи и институции за подготвување на земјава за членство во ЕУ, вклучително и за преговори за членство во ЕУ.
Обезбедување координација на активностите за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација склучена меѓу земјата и Европските заедници и нивните земји членки и други договори склучени меѓу земјата и ЕУ, како и на работните тела формирани во рамките на склучената спогодба и другите договори со ЕУ, се уште дел од неговите надлежности.
Дополнително, министерството ќе работи на обезбедување координација на процесот на подготвување на македонската верзија на правото на ЕУ, но и координација заради усогласување на работата на претставниците на земјата во институциите и телата на Унијата.
Координација за усогласување на работата на земјата како држава членка на ЕУ, но и координација на странската помош од Унијата и земјите членки и друга странска помош поврзана за реформите комплементарни на процесот на интегрирање во блокот.
Тоа предвидува и информирање на јавноста за активностите поврзани со процесот на европска интеграција и европските прашања, но и други работи поврзани со ЕУ, определени од Владата.
Посебно министерство за администрацијата, а посебно за дигитална трансформација
Предлагачите на законот замислиле и формирање на ново Министерство за јавна администрација кое ќе има дел од надлежностите на постојното Министерство за информатичко општество и јавна администрација во областа на администрацијата.
Некои од нивните нови надлежности се однесуваат на законското уредување на прашањата во врска со администрацијата, надзор и обезбедување на единствена примена на прописите што се однесуваат на државните и јавните службеници, развивањето на политиката поврзана со правата, обврските, одговорностите и оценувањето на државните и јавните службеници и класификацијата и описот на работните места, платите и надоместоците на плати на државните и јавните службеници.
Новоформираното министерство ќе го води и Регистар за вработените во јавниот сектор, а ќе подготвува и стратешки документи за ефикасно и ефективно работење, обука и стручно усовршување на државните и јавните службеници, но и организирање и спроведување на обуката.
Развојот и координацијата на политиките во врска со управувањето со човечките ресурси, заедно со реформата во јавната администрација се исто така дел од надлежностите на министерството кое ќе ги врши и работите поврзани со државната управа, управната постапка и управниот надзор.
Поделбата на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ќе кулминира со Министерство за дигитална трансформација, односно тука ќе се случи трансфер на МИОА во Министерството за дигитална трансформација.
Неговите надлежности ќе се движат во делокругот на технолошкиот развој и технолошката култура, подготвување на стратешки документи, организирање и спроведување на обуки за зајакнување на дигиталните вештини, безбедност на мрежи и информациски системи, дигитализација на јавните услуги, како и администрирање со интегрирана база на лични податоци на населението на Републиката и соодветните книги за евиденција.
Министерството за надворешни работи ќе биде и за надворешна трговија
Надворешната трговија со предлог-законот ќе биде опфатена преку Министерството за надворешни работи кое сега ќе се именува Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Преку него, како што е наведено, ќе се следат меѓународните стопански движења и нивното влијание врз економските односи во земјата.
Министерството ќе ги врши работите кои се однесуваат на надворешно-трговското работење, подобрување на економските односи со странство, предлагање и спроведување мерки од областа на економските односи со странство, следење на меѓународните економски односи и мултилатералната регионалната и билатералната соработка со други земји и организации и нивниот развој.
Дополнително, ресорното министерство ќе работи и на усогласување на прописите на надворешно-трговската размена со прописите на Европската Унија и Светската трговска организација и други мултилатерални институции и организации и нивно спроведување, како и склучување и следење на спроведувањето на меѓународните трговски договори.
Работите поврзани со енергетиката, рударството и минералните суровини во едно министерство
За енергетиката, рударството и минералните суровини е предвидено да се грижи ново министерство. Нивните надлежности ќе се однесуваат на енергетската политика, енергетиката и планирањето на развојот во областа на електрична енергија, природниот гас, нафта и деривати на нафта, топлотна енергија и термални води, како и други видови на енергија и нивна експлоатација.
Покрај ова, се предвидува министерството да ги врши и работите поврзани со снабдувањето со енергија, спроведувањето на постапки за селекција и именување на органите на раководење, управување и надзор во правните лица од областа на енергетиката
во целосна или доминантна државна сопственост, стратегијата и политиката за енергетска безбедност и рационалната употреба на енергијата и енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија.
Тука, ќе влезат и работите поврзани со координација на работата и реализација на енергетските инвестиции, рударството, стратегија и политика за развој на рударството, експлоатација на минерални суровини и геолошки ресурси, геолошки истражувања и истражувања поврзани со експлоатација на минерални суровини, изработка на програма за истражувачки работи од областа на основните геолошки истражувања поврзани со одржливото користење на ресурсите и други работи утврдени со закон.
Поместувања на инспекторатите
Со предлог-законот, покрај останатите, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе е само Министерство за односи меѓу заедниците, додека Министерството за транспорт и врски продолжува со работа како Министерство за транспорт.
Истовремено, се предвидува Државниот девизен инспекторат да продолжи да работи како орган во состав на Министерството за финансии, Државниот инспекторат за техничка инспекција како Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини како орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Потоа, предвидено е Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за шумарство и ловство да продолжат да работат како органи во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека Државниот санитарен и здравствен инспекторат како орган во состав на Министерството за здравство.
Во меѓувреме, предлог-измените предвидуваат Државниот просветен инспекторат да продолжи да работи како орган во состав на Министерството за образование и наука, а Државниот инспекторат за труд во состав на Министерството за економија и труд. Државниот пазарен инспекторат би продолжил да работи како орган во состав на Министерство за економија и труд, а Државниот инспекторат за локална самоуправа како орган во состав на Министерството за локална самоуправа.
Дополнително, во состав на Министерството за јавна администрација се предвидува да работи Државниот управен инспекторат.
Државниот инспекторат за транспорт, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот комунален инспекторат продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за транспорт, а Државниот инспекторат за животна средина продолжува да работи како орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Мартин Колоски