„Од препознаени по својот волонтерски придонес во контролата и надминувањето на прекубројноста на бездомните кучиња, вдомување и со сопствени пари стерилизирање на бездомни кучиња со цел да се намали нивната бројка на улица, активистите од Здружението ‘Animal lovers’ од Струмица стигнаа до момент да врз нив се демонстрира моќ, сила и власт од страна на институциите, јавните претпријатија и градоначалникот на општина“, истакнуваат од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“.
Тие посочуваат дека активистите во Струмица не можат да дејствуваат поради честите тужби кои се поднесуваат врз нив и трпат финансиски реперкусии. Како што велат тие, за Јавното претпријатие „Лана“ од Струмица постојат сериозни обвиненија за убивање животни, за што биле организирани два протеста, тие незаконски користат јама за фрлање на убиените животни која се наоѓа покрај поле и вода што предизвикува јавна опасност и чии шинтери дивјачки и без обележја ловат кучиња.
„Во ваква ситуација на лице место реагирала активистка барајќи да се легитимираат и да го спаси несреќното животно, по што тие покренаа судски процес. Активистката има направено повеќе за градот од сите инволвирани институции и при тоа тие и го загорчија животот, оневозможувајќи ја да запише студии во странство“, раскажуваат од Здружението.
Оттаму велат дека во овој процес сведочел и градоначалникот Костадинов, давајќи изјава која е лажна и чие сведочење се земало предвид со особена важност. Сега, посочуваат тие, градот повторно ги тужи активистите за „некакво си компромитирање, во обид да ги уплашат и замолчат“.
„Наместо силни институции имаме апарат кој се стави на располагање на силеџии и поединци на функција“, децидни се од „Анима Мунди“.
Тие бараат Јавното обвинителство веднаш да постапи по сите пријави, информации и докази во процесот против активистката која претходно нема ниту една изречена казна и против која градоначалникот Костадинов лажно сведочел и ја злоупотребил својата функција. Исто така, тие бараат од обвинителството, како што велат, да ги извади од фиока приложените докази за тоа дека ЈП „Лана“ фрла убиени тела на животни и со тоа предизвикува јавна опасност и да постапи веднаш.
„Откако ЈП ‘Лана’ е под градоначалникот Костадин Костадинов, во Струмица се спроведуваат кафкијански процеси врз активисти со име, презиме и придонес кон градот, што не можат ни да го разберат, а камо ли спроведат оние кои за истата активност се надлежни и платени“, соопштуваат од Здружението.