Со 88 гласа „за“ и 22 „против“ околу 2:30 часот по полноќ беа изгласани измените на Законот за државна управа, со кои се прави реорганизација на министерствата.
Сега, бројот на министерства ќе биде за 4 поголем, односно во земјава ќе има 20 министерства. Со новиот закон ќе се формираат Министерство за спорт, Министерство за европски прашања, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и Министерство за јавна администрација, а промени има и во неколку други министерства.
Измените на законот се носеа во скратена постапка, а за нив беше потребно двотретинско мнозинство.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата претходно реагираа до Собранието дека за измената на законот отсуствувал консултативен процес.
„Исто така, формирањето на три нови министерства и реорганизацијата на системот на државната управа без претходна длабинска анализа за оправданоста на предлогот е неприфатливо за Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Укажуваме дека ова влијае негативно врз соработката и довербата на граѓанското општество со креаторите на јавните политики“, посочија вчера од Платформата.
Тие посочија дека со ваквата реакција остануваат доследни и на претходното укажување од 2022 година дека реорганизацијата на државната управа е исклучително важен процес, кој мора да почива врз принципите на транспарентност, вклученост и претходна подготовка на граѓаните за системските промени што се иницираат.
Мартин Колоски