Промоција на книгата „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски во понеделник

Книгата „И ѕирка и проѕирка“ на авторката Огнена Никуљски во издание на „Антолог“ ќе биде промовирана утре (10 јуни) во „The Dude Specialty Coffee“, со почеток во 18 часот.

„Секој има своја приказна. Ѝ се навраќа низ спомените, низ она што од мноштвото настани и чувства ќе исплива на површината на сегашноста. Во неа – врвулица луѓе, живи и починати, значајни и случајни. Ако ја одмолчи, може да си ја стокмнува по свое, секогаш различна, барем во нешто. Да се изземе себеси, да си се придодаде, да се разубави или нагрди. Ако ја стави на хартија, ја споделува за други да ја достокмуваат, по мерка на својата. Во мојава, дадена низ сликички, некој ќе се препознае, нешто ќе го мисли за свое, нешто ќе му се растајни, нешто ќе му се заплетка. Ликовите се и измислени и вистинити. Сличноста е и случајна и намерна. Читателот треба да домисли“, стои во најавата за настанот.

Никуљски е професорка по шпански јазик во пензија, книжевен преведувач, заљубеник во мајчиниот, македонски јазик. Родена е во Скопје, 1951 година. Студирала и докторирала на полето на шпанскиот јазик и литература во Перу. Долги години, речиси цел работен век, ги подучувала студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Воедно е и основач на студиската програма за шпански јазик и литература. Ги приопштила на македонски делата на многу значајни автори кои твореле на шпански јазик – Унамуно, Калдерон де ла Барка, Камило Хосе Села, Гиљермо Мартинес, Алан Паулс и многу други.