Независната издавачка куќа „Шарла“ (Sharla) стигна до изданието број 100. Се работи за дебитантскиот албум на „Карла Левински“, бенд зад кој стојат двајца искусни играчи, гитарски херои од западната страна на скопската музичка географија: Сеад Хаџиќ – Сецко и Огнен Мангаровски – Оки.
„По повеќе од 30 години активно присуство на сцена, и со дваесетина албуми под нивните појаси, премалку е да се каже дека ни е драго што се денес дел од приказната на ‘Шарла’. Сецко и Оки се нешто како Бетмен и Робин, или ако сме актуелни – како Дончиќ и Ирвинг во клишеизираните приказни за двајца што можат против сите. Разликата е што овие двајца можат ЗА сите, или поточно, за оние што ја сакаат музиката како средство за ‘кревање глас’ контра управувачките елити, јасно и многу гласно“, соопштија од „Шарла“.
Од таму посочуваат дека она што започна како јавен музички експеримент во една летна вечер во „Ла Кања“, денес е реализиран албумски материјал во осум песни, сите шутнати со шпиц.
„’Карла Левински’ е процес, идеолошки и естетски инспириран од авангардата на 20 век – од ситуационизмот и летеризмот, преку анархизмот на Прудон, Кропоткин и Бакуњин, индивидуализмот на Макс Штирнер, па се до југословенскиот црн бран и секако, панкот во сите пројавни форми и значења. Но, повеќе од само уметничка прошетка низ современата историјата на социјалниот отпор, КЛ е глас на оптимизам и надеж отаде опортунизмот, цинизмот и малодушноста како општа манифестација на немоќ во односот кон доминацијата и експлоатацијата на капиталот и во овој век. И после дваесет години од сега веќе легендарната ‘Го мразам капитализмот’, Сецко е повторно меѓу нас критички да го измери светот според сопствените идеали за слобода, правда и рамноправност. Директно, без калкулации и со многу љубов“, соопштија од Шарла за изданието, чија слушачка промоција се случи пред неколку денови во „Ла Кања“.
Изданието може да се преслуша и поддржи преку Бендкемп.