Втората по ред групна изложба на дела на професори и студенти од уметничките факултети и школи во Македонија наречена „Професори и студенти“ ќе се отвори во петок (14 јуни) во Галерија во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје со почеток во 19 часот, а ќе трае до 23 јуни.
На изложбата се претставени дела на професори и студенти од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултетот за дизајн и мултимедија на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Факултетот за уметност и дизајн на Интернационалниот Балкански Универзитет, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет Скопје, Ликовна академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Факултетот за уметности при Државниот универзитет во Тетово и „Скала“ – Школа за дијзан и уметност.
„Оваа година, точно сто години по отварањето на втората групна изложба во историјата на Македонија, и сто години по првиот, неуспешен, обид за формирање на Ликовна академија кај нас, се отвара втората групна изложба на дела на професори и студенти од уметничките факултети и школи во Република Македонија“, велат од МКЦ.
На изложбата ќе бидат претставени сликарски дела на платно и лесонит, графики изработени во некои од класичните, традиционални техники како сува игла, акватинта и висок печат, каде најбројни се делата изработени на линолеум.
„Самата бројка на застапени институции, како и на различните академските програми што тие ги нудат, говори многу за промената и за развојот на културната и ликовната свест во Македонија во изминатите сто години, а истовремено, и за сегашното високо ниво на уметничката и академската култура во нашата земја“, додаваат од организацијата.
Инаку, организацијата е на МКЦ, а со финансиска поддршка на Град Скопје.