Петтиот ден од 58. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, на публиката ќе ѝ понуди неколку претстави, промоции и работилници на различни теми.
Имено, програмата започна рано утринава со работилница за млади новинари на која учесниците имаа можност да научат како да известуваат од театарски фестивал. Паралелно со тоа, се одржа и работилница за костимографија со Александар Ношпал. Веднаш потоа следеше тркалезна маса со екипата на Струмичкиот театар за претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски.
Како дел од официјалната програма предвидена е и промоција на монографијата посветена на 75 години Кумановски театар и тркалезна маса со екипата на претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани.
Во текот на вечерта, на сцената во Центарот за култура „Марко Цепенков“ посетителите ќе имаат можност да ја гледаат претставата „Ало! Ало!“ во режија на Синиша Евтимов на Театар „Комедија“. Улогите ги толкуваат: Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски, Асен Алберто, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски.
Во 22 часот ќе биде изведена претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска. Играат: Катерина Чакмакоска-Клинческа (Кристина), Даниела Иваноска (Параскева), Димитар Ѓорѓиевски (Божо), Игор Трпчески (Јаков), Зоран Иваноски (Лудакот) и Михајло Миленкоски (Нове).
На полноќ на сцената 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе гостува Театар „Златен Елец“ со претставата „Кенди“. Улогите ги толкуваат Бобан Алексоски и Лео Поповиќ.
Инаку, на четвртиот фестивалски ден гостуваа екипите „На дното“ и „Домот на куклата“ на Турскиот театар.
Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се, Министерството за култура, Општина Прилеп и други општествено одговорни компании.
Целосната програма на фестивалот може да се погледне на следниов ЛИНК.
Симона Паскоска