Денеска (13 јуни) со почеток во 16 часот во просториите на Заедницата на технолошки ентузијасти „Base 42“ во Скопје ќе се одржи работилница и предавање за деца од 6 до 14 годишна возраст за дизајн и основи на креирање на видео игри. Настанот е организиран од Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии „УМПАКИ“, а во рамки на проектот „Видео игротека“.
„Идејата е дa се разбуди детската фантазија за децата да истражуваат и да увидат дека можат да ги развиваат своите идеи во реални проекти“, велат од организацијата.
Предавањето и работилницата ќе ги води Дарио Стојанов, ко-основач на „Codelii“ и ко-основач и директор на „Нобел Курсеви Македонија“, иновативно училиште за креирање на видеоигри.
„Дарио од рана возраст има освоено разни награди на национално и меѓународно ниво во сферата на програмирање, роботика и социјални иновации. Еден од проектите кој може да се истакне е ‘SpeakOut by Andrometa’, мобилна апликација за ментално здравје наменета за адолесценти, која освои прво место на глобалниот натпревар поддржан од УНИЦЕФ“, истакнуваат организаторите.
Дополнително, во рамките на проектот „Видео игротека“ ќе се реализира и кинопрограма со проекција на неколку филмови за деца. На 15 јуни во Кинотека на Македонија и кино „Милениум“ ќе се одржи проекција на детскиот германски филм „Младиот Винету и изгубените биволи“ синхронизиран на македонски јазик, додека пак проекцијата на детскиот германски филм „Луси гангстерката“, синхронизиран на македонски јазик е закажана за 29 јуни во Кинотека.
Проектот „Видео игротека“ е во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии „УМПАКИ“ Скопје, во соработка со Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри „МГИ“ Скопје, а е поддржан од Министерството за култура.