Промоција на книгата „Големиот скандал“ од Сања Трпковска

Книгата „Големиот скандал“ на Сања Трпковска во издание на издавачката куќа „Фуснота“ ќе биде промовирана во сабота (15 јуни) во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 16 часот.

„’Големиот скандал’ е роман за патувања, подароци, пасошки контроли, перничиња и плеј-листи за по пат. Приказната на двајцата патници во купето бр. 091 на железничката станица во Лондон започнува со наивно прашање – дали може да се затвори прозорецот. Конечна дестинација е Париз, директна линија“, се вели во описот за книгата.

Промотор на книгата е Јулијана Величковска, главен уредник е Драгана Евтимова, дизајнот на корицата го изработи Сања Трпковска, а извадоци од романот ќе чита Владимир Петровиќ.

Инаку, „Големиот скандал“ е прв објавен роман на Трпковска. Нејзиниот втор роман „Реквием на тацна“ беше одбран во топ три ракописи на конкурсот „Новите“ во 2023 година од издавачката куќа „Темплум“, а расказот „Пас-апорт“ беше објавен во рамките на конкурсот за краток расказ на помирување „Бибер 04“ во 2021 година.

„Сања пишува за блиското минато и идно време, застанува во сегашноста да пие кафе низ улиците и звуците на Балканот“, се посочува во соопштението.

Книгата ќе биде достапна за продажба на промоцијата по промотивна цена, а потоа и во книжарниците.