Вчеравечер во Кинотеката на Македонија се затвори 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) со проекција на филмот „Златната треска“ на Чарли Чаплин, дискусија со професорот Стивен Фридман и прогласување на наградените филмови.
Жири-комисијата во состав на Славица Србиновска (компаратистка), Иван Миленковиќ (филозоф) и Јане Спасиќ (режисер) одлучија наградата „Златен був“ за најдобар долгометражен филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови да му припадне на филмот „Прозаични стихови“ на иранскиот режисерски двоец Али Асгари и Алиреза Катами.
„Смелата одлука сите девет вињети да бидат снимени во еден кадар, во кој камерата е вперена кон ‘жртвите’ на системот без воопшто да се појават ликовите на ‘опресорите’ кои се претставници на радикалниот ирански систем, сублиминално работи на поистоветување на гледачот со жртвите“, истакнува жирото за својата одлука.
Покрај оваа награда, „Прозаични стихови“ ја добива и плакетата „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според публиката.
Додека пак, во рамките на Официјалната селекција на краткометражни филмови, жири-комисијата одлучи „Златниот був“ за најдобар краткометражен филм да припадне на филмот „Големата експлозија“ на Карлос Сегундо.
„Филмскиот пристап е заснован на исклучително вешта примена на гледната точка на ликот која се користи со доследно придржување на приказите на висината соодветна на перспективата на човек со низок раст“, посочува жирото за филмот.
Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм, награда востановена во чест на професорот Стефан Сидовски – Сидо, жири комисијата го додели на филмот „Монтанеа“ на француската режисерка Шарлот Луј, која покрај плакетата ќе добие и уметничка слика од уметницата Соња Чингарова-Фотева.
„’Монтанеа’ веројатно, би бил филм, кој особено би му се допаднал на Стефан Сидовски – Сидо и чија авторка, Шарлот Луј, би ја сметал за своја филмска соборчничка. Филмот е рефлексија низ визуелни слики и вербални фрагменти за промените на животните етапи осмислени како однос меѓу доаѓањето на светот и во животот, промените низ кои тече животот одразени во фазите детство, младост, зрелост и старост, а доведени во однос и со напуштањето на светот и животот, со смртта“, вели жири-комисијата за својата одлука.
За најдобар краткометражен филм според публиката награда доби египетскиот „Мојата девојка“ на Кавтар Јунис.
Вечерта ја модерираше главниот координатор на Фестивалот Андреј Медиќ Лазаревски кој во својот говор ја потенцираше важноста на овој Фестивал, еден од само неколкуте фестивали во светот посветен на односот меѓу филмот и филозофијата, а повика и на поголема соработка од страна на институциите.
„Посакувам Фестивалот да го доживее 15. јубилеј, уште еднаш да успее да го постави културниот неред меѓу монотониот ред, да се избори со сите препреки и да го направи следното издание убаво, богато и да го потврди сјајот што овој Фестивал го има“, истакна Лазаревски напоменувајќи дека следната година Фестивалот ќе прослави 15 годишен јубилеј.
Инаку, овогодинешното издание на Фестивалот се одржа под мотото „Неред меѓу редови“ од 7 до 13 јуни во Кинотеката на Македонија, во организација на Филозофското друштво на Македонија, а во соработка со Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ.