„ENGAGE Youth“ утре во МОФ – запознајте ги говорниците

Младински Образовен Форум (МОФ) и Радио МОФ утре (17 јуни, понеделник) од 17 часот во дворот на МОФ го организираат второто овогодишно издание на „ENGAGE Youth“ – младински настан за социјален активизам.

Целта е младите да се спојат, здружат, ама и да си споделат знаења и искуства на теми поврзани со нивниот граѓански ангажман, за разни иницијативи од образованието, социјалата, културата или екологијата, а притоа да се говори и за поврзаноста со локалните заедници.

На овогодинешниот „ENGAGE Youth“ ќе има пет говорници од различни иницијативи. Во продолжение дознајте нешто повеќе за нив.

Говорник #1:   Кристијан Лазарев од „Отворете ги прозорците“ – „Како до попристапен и поприфатлив живот на младите со попреченост?“

Лазарев е магистрант на ФЕИТ, технолошки иноватор и застапник за пристапност. Тој ќе зборува на темата: „Како до попристапен и поприфатлив живот на младите со попреченост?“

Кристијан е инспиративна личност и индивидуа која ги руши стереотипите и докажува дека попреченоста не е пречка за постигнување успех и исполнет живот. Во изминатите седум години, тој активно учествува во креација, локализација и превод на повеќе софтверски решенија кои го олеснуваат животот на лицата со попреченост.

Во своето детство и тинејџерство, научил да свири пет инструменти и прочитал повеќе стотици книги, а денес активно членува во меѓународни организации за пристапност и асистивна технологија. Во слободно време ужива во скијање, возење тандем велосипед и спортови за слепи. Од неодамна, тој се подготвува за првата модна ревија за лица со попреченост годинава во Македонија.

Говорник #2:   Зоран Јаневски од инцијативата Донирај велосипед – „Преку „Донирај велосипед“ до поголем интерес на младите за хуманитарни акции и активизам“

Јаневски е активен спортист уште од рано детство. На само 12 години започнува да тренира фудбал во ФК Борец, а веќе на 18 години продолжува во ФК Металург. Приморан да се откаже од фудбалот поради тешка повреда на рамото, во 2011 година започнува рекреативно да вози велосипед по што велосипедизмот станува негова прва љубов. Во 2014 година го формира здружението „Велес Бајкинг“, кое денес е водечко аматерско велосипедско здружение во Македонија и зад чие име стојат многубројни проекти.

Веќе 15 години тој и активно планинари. Вели дека тоа му е второ хоби, втора љубов преку која ги има искачено скоро сите врвови што се над 2000м во Македонија , во соседна Бугарија: Мусала и Маљовица, а ова лето планира и искачување на Триглав и конечно, на еден од највисоките Европски врвови – Monte Rosa, односно Кастор (4223 м).

Говорник #3:   Филип Ивковски од „Младите можат“ – „Добростостојбата и менталното здравје, важна тема кај младите во последните неколку години“

Филип е програмски координатор за ментално здравје со богато искуство и претседател на Националниот младински совет. Тој ќе ја доближи темата за добросостојбата и менталното здравје кај младите.

Филип вели „Младите Можат веќе 7 седум години работи на темата ментално здравје. Започнавме со различни типови на работилници и настани. Отпосле ја креиравме нашата програма за врсничка едукација преку која имаме обучено над 50 врснички едукатори, кои потоа работеа со над 1 500 млади на промоција поврзана со грижата за ментално здравје. Од пред три години ја креиравме програмата за ментално здравје во средни училишта преку која обучивме 40 професори од осум училишта. Моментално застапуваме процес за инкорпорирање на менталното здравје во рамки на редовиот образовен процес во нашата држава.“

Говорник #4:  Арта Старова од Македонско еколошко друштво – „Борбата на младите против криминал врз дивиот свет“

Арта за себе вели: „Како координатор на проектот БалканДетокс LIFE во Македонско еколошко друштво, стремам кон зајакнување на националните капацитети за борбата против труење на дивиот свет како и борбата против секаков вид на криминал врз дивиот свет. Покрај теренските активности во руралните предели фокусирани на зголемување на јавната свест, често соработувам со инспектори, професори, и јавни обвинители преку различни оддржани обуки и креаирање на стратешки документи. Често се соочувам со предизвици но верувам дека секој млад активист треба да е свесен дека соработката меѓу институциите и невладините е клучна за позитивен развој во област на заштита на природата.“

Говорници #5  Сите за МКЦ – „Солидарност во битката за јавните простори“

Сите за МКЦ е движење на уметници кои се борат за зачувување на Младински Културен Центар (МКЦ). Тие континуирано се борат за солидарност во битката за јавните простори. На овогодинешното второ издание на Engage Youth тие ќе се осврнат на загрозеноста на јавните простори, општественото и политичко значење. Но, исто така и екстремната урбанизација како закана.

Дополнително, тие ќе дадат поуки и совети за младински иницијативи и како младите да застанат за одбрана на градот и младинските простор.