Бројни креативци и оваа година ќе го оживеат ПлоштАрт на „Д Фестивал“

Деновиве почнува одбројувањето до годинешното издание на „Д Фестивал“ кое ќе се одржи од 28 до 30 јуни на веќе добро познатата локација за д-фестивалџиите во Дојран.

Покрај неколкуте стејџови и бројните музички имиња најавени за 14-от „Д Фест“ и годинава во камп зоната  ќе се одвива ПлоштАрт – збирното место за сите кои сакаат дружба со различни креативци по штандовите или да „исчилаат“ со филм, јога или тарот.

По неколку години, може да се каже дека за ранобудниците на „Д Фест“ стана традиција да го почнуваат денот со утринска јога со Ивана Батев. Поздравот на сонцето трите дена ќе се одржува на ширинката пред Браво стејџот.

Годинава на ПлоштАрт пристигнува младинската платформа „Допирна точка“ која се создаде како идеја за развивање, негување и соединување на културата, уметноста и креативноста во Македонија.

„Целта на ‘Допирна точка’ е да ги опфати делата од македонската музичка уметност, кинематографија, поезија, проза, ликовна уметност, фотографија, мода и моден дизајн, каде што тематската содржина ќе биде различна на секој настан, а преку тоа, ќе се овозможи креативно ‘катче’ за колективно воздигнување на уметниците од Македонија“, велат од иницијативата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by D FESTIVAL (@dfestival.dojran)


„Поактивните“ фестивалџии, годинава ќе имаат можност да слушаат едукативни сесии за кајак и суп или да заминат на тура со „Кayak Adventures Macedonia“.

И овој „Д фест“ ќе има катче на „СебеСложувалка“ кои ќе организираат неколку работилници за едукација за ментално здравје. Исто, свое катче ќе имаат и Центарот за младински активизам „Крик“ и „Еквалис“ со кои ќе може да се поразговара за како до поинклузивен и похуман свет.

На ПлоштАрт ќе биде и една од најстарите младински организации – Истражувачкото друштво на студенти биолози кои теоријата ќе ја донесат на терен.

„Овие вљубеници во природата се секогаш расположени за истражување и еколошка едукација. Биолошката програма на #ДФестивал14 оваа година ќе стави акцент на халуциногените габи во Македонија, птиците во Дојран, како и водоземците, водните влекачи и цицачи“, најавуваат од Друштвото.

Уличната уметност повторно ќе ги оживува „улиците“ во камп зоната. Уметницата Сара Милевска, велат од „Д Фест“, ќе претстави свое шоу како жива статуа и ќе ни докаже дека не сé е како што изгледа на прв поглед.

Ентузијастите за латино танц ќе може да научат по некој чекор со танчерката Јулијана Јовановска која е дел од танцовиот спортски клуб „Динамик“. Јовановска својата техника ќе ја демонстрира на Браво стејџот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by D FESTIVAL (@dfestival.dojran)


Фестивалскиот момент за некои се запечатува со тетоважа, а годинава за тоа на „Д Фест“ ќе му се придружи „Eternity Tattoo Studio“. Фестивалска шминка пак ќе може да се „добие“ во катчето на „Skylimit Beauty Salon“.

Мајско бумбарче ќе долета на ПлоштАрт за волшебно тарот патување.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by D FESTIVAL (@dfestival.dojran)

Базарниот дел од ПлоштАрт и годинава ќе брои неколку штандови со најразлични ракотворби на креативци. Таму ќе бидат „З’ш да не“ кои преку нивните уникатни привезоци, обетки и други акцесоари се залагаат за чување на слободниот дух. Штанд ќе има и брендот „Виножито“ кој ја оживува подзаборавената техника на везење. Вибрантни парчиња облека ќе претстави и „Pixie Crochet“, мал бизнис за хеклана облека, торби и додатоци. На ПлоштАрт доаѓа и „Foreground tote bags“, бренд кој веќе седум години  поттикнува одржлив начин на живот.

Оваа година на базарот ќе се придружи и „КОИ“, мал бизнис што се занимава со создавање илустрации во печатено издание. Слоганот на самиот бренд е „мир, љубов и илустрации“ кои што дополнително го навестуваат карактерот на КОИ.

„Од илустрации со миленичиња, до отелотворени емоции, ‘КОИ’ има сѐ што ти треба. А во потесна смисла, ‘КОИ’ има картички, стикери, торби и нешто плус!“, велат од брендот.

Простор за читање, цртање, сликање и творење ќе обезбеди издавачката куќа „Чудна шума“ која на ПолштАрт пристигнува во специјално издание.

„Со посебен фокус на креативниот процес и ослободувањето на мечтата, во Чудна шума нѐ очекуваат бројни креативни активности – од создавање уникатна книга за Д Фестивал, читање, сликање или скицирање, совети за издавање сопствена книга, како и посебна интерактивна работилница за најмалите бушави глави“, најавуваат од таму.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by D FESTIVAL (@dfestival.dojran)

Инаку, годинава на „Д Фест“ доаѓаат Дебора Де Лука, „Санаториум“, Лил Памп, „Елементал“, диџејкатаСама Абдулхади и други музички имиња. Повеќе за тоа овде.

Ангела Бошкоска