Во сабота (30 ноември), во Капан Ан ќе гостува еден од најистакнатите драменбејс проекти од Белград – CODEX.
Белграѓаните Ѓорѓе Милашиновиќ aka Toxic и Ранко Мариќ aka Phase – од 1998 година почнуваат да функционираат како CODEX и практично ја втемелуваат бас сцената во својот град. Овој проект веќе 15 години е синоним за врвно диџјство, драмебејс продукција и организација на квалитетни клабинг настани. Имаат реализирано повеќе од дваесет музички изданија за познати дискографски куќи како Full Force, Rise Audio, Sinuous, Tribe 12…
Организирале скоро илјада драменбејс настани, креатори се на клабинг вечерите „Grime n Bass“, „Drum Motion“ и „Stylez“, додека нивниот серијал Evolution е веќе легендарен – најдолго егзистира на белградската независна музичка сцена и ги презентира најголемите драменбејс имиња.
Музичките парчиња на CODEX можете да ги чуете во диџеј сетовите на имиња како: Bailey, Fabio, Grooverider, BTK, Blu Mar Ten…Како диџеи го имаат делено микс-пултот со : Dieselboy, Noisia, Cause4Concern, Pendulum, Ed Rush, Optical, Chemical Brothers, Black Sun Empire, LTJ Bukem…
Денес, CODEX се наоѓа во самиот врв на регионалната андерграунд сцена, а до сега неколку пати имаат гостувано во Скопје. Во сабота, во Капан Ан – ќе се претстават со енергичен сет, а вечерта ќе ја дополнат домашните артисти: Аномалиа Натива, Нултабајт и Нерсес Малајкан.
Возењето започнува на полноќ, а влезницата чини 150 денари.
Гостувањето на CODEX се реализира во рамките на Beats Bazaar вечерите во Капан Ан, а на иницијатива на Скопје Вавилон – нова форма на активизам, која обединува креативни умови и стимулира активности за одржување и унапредување на културниот живот на Скопје. Настанот е помогнат од Културно-информативниот центар на Србите во Р. Македонија – СПОНА.