Пораки за солидарност, поголемо вклучување на бегалците во општестевниот живот како и за остварување на нивните права и оваа година се упатија на 20 јуни – Светскиот ден на бегалците.
Според податоците на УНХЦР, во Македонија до април годинава биле поднесени 106 барања за азил додека во текот на 2023 година испратени биле 602 барања. Во моментов 9 лица имаат статус на супсидијарна заштита а 43 државјани на Украина имаат добиено привремена заштита.
Од УНХЦР велат дека најважно е бегалците да ги остварат своите социјалните права, а со тоа и да придонесуваат кон општеството и да се вклучат во образовниот процес на сите нивоа.
„Еднакво е важно за нивната интеграција бегалците да стекнат другари од локалната заедница, да ги развиваат своите меки вештини, да ги практикуваат своите омилени активности како спорт, рекреација, да бидат дел од културниот и забавен живот и кратко речено – да го продолжат својот живот додека се далеку од дома. Тие со себе носат надеж, а сите ние можеме да им вдахнеме доверба дека има и зошто да имаат надеж и дека не се сами во својата борба за вклученост во општеството“, изјави Љубинка Брашнарска портпарол на УНХЦР за Радио МОФ.
Според неа, иако минатата година била активирана привремената заштита за бегалците од Украина, потребно е и новата Влада да ја продолжи оваа мерка со цел Украинците кои најдоа безбедност тука да можат да продолжат да ги остваруваат своите права.
„Во УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, работиме посветено да им дадеме поддршка и помош на државните институции со цел системот за азил да се донесе што поблиску до меѓународните стандарди за заштита на бегалците. Сегашниот број на бегалци што е во државата е далеку понизок од кризните состојби кои се зад нас во минатото, во кои државата покажа дека и со отворени врати за луѓето кои бегаат од војна и прогон може успешно да се менаџираат поголеми бегалски движења“, рече Љубинка.
Од Македонско здружение на млади правници велат дека за полесно интегрирање на бегалците, мигрантите и барателите на азил во нашето општество потребно е остварувањето на правото на слободен пристап до пазарот на труд во Македонија. Според нив, иако со сите меѓународни акти, Уставот на Македонија и законите се забранува дискриминација и се овозможува еднаков пристап до пазарот на труд за сите лица, барателите на азил кои се во постапка за признавање на правото на азил, не можат да го остварат ова право.
„Додека барателите на азил, се во постапка за признавање на право на азил, тие не можат да пристапат до пазарот на труд и да засноваат работен однос, односно не можат самостојно да си обезбедат средства за егзистенција. Дискриминацијата и нееднаквиот третман се врши на начин што иако е изминат периодот од девет месеци кој што согласно закон е регулирано, барателите на азил кои се во судска постапка која што може да трае повеќе и од две/три години, не можат да го остварат ова право“, изјавија од Млади правници.
Според нив, со цел полесна интеграција на овие лица во општеството потребно е и да се модифицира сегашната законска легислатива, која иако во голем дел е усогласена со меѓународните конвенции и регионални директиви сепак има потреба од промена во одредени делови.
„За подобар стандард треба стратегија за интеграција и акциски план или подобро уредување на интеграцијата на бегалците и повеќе можности за истите да пристапат на пазарот на трудот како и нивно обучување или дообучување во одредени области за да бидат комететивни на пазарот на труд. Потребно е државата да обезбедува часови по македонски јазик на овие лица за да можат полесно да се интегрираат. Државата треба да ги почитува меѓународните и домашните стандарди и да ги спроведува законите соодветно со обезбедување на непречен пристап до правата на овие лица“, додаваат оттаму.
Симона Паскоска