Мицкоски официјално стана премиер, најави стабилно здравство и модерно образование базирано на знаење и вредности

Со 77 гласа за и 22 против, пратениците во македонското Собрание вчера (23 јуни) ја изгласаа новата влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски кој денеска официјално ја презема својата функција од Талат Џафери, досегашниот претседател на Владата.

Новата влада е составена од коалицијата „Твоја Македонија“ на партијата ВМРО-ДПМНЕ со 15 членови, албанската коалиција „Вреди“ со 6 членови и движењето „Знам“ предводено од Максим Димитриевки, градоначалник на Куманово и поранешен висок функционер на партијата СДСМ со 2 членови.

„Доста им е на граѓаните од нашите препирки и дневно-политички надмудрувања. Потребна е работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти. Јас тоа го ветувам денес пред вас повторно. Државата ќе биде во рацете на граѓаните и сите институции ќе работат за граѓаните. На граѓаните им е потребен фокус на нивните реални проблеми и предизвици, создавање стабилен и професионален здравствен систем кој ќе биде во функција на секој граѓанин, создавање образовен систем базиран на знаење, вредности и во чекор со модерните светски трендови“, рече новиот премиер во вчерашниот говор во Собранието.

 

На крајот од говорот тој вети дека неговата влада ќе ги подигне стандардите веќе во првите 100 дена, ќе работи напорно и ќе се погрижи земјата да се промени, да оди напред, ќе ги почитува граѓаните и ќе биде одговорна.

Новата македонска влада наместо 16 министерства како претходната, ќе има 20 министерства, а матично министерство ќе имаат и младите. Од членовите 20 се мажи, а само 3 се жени. Новите министри се на просечна возраст од 47 години, односно настариот има 66, а најмладиот 33 години.

Потврдени имињата на министрите во идната Влада, Мицкоски утре ќе ги достави до Собрание

Парламентарното мнозинство кое го сочинуваат коалициите „Твоја Македонија“, „Вреди“ и „Знам“ има вкупно 78 пратеници од 120 пратенички места во Собранието, останатите припаѓаат на опозицијата која ја сочинуваат коалицијата „Европски фронт“ предводена од Албанската демократска унија за интеграција (ДУИ), коалицијата „За европска иднина“ на Социјалмедократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и политичката партија „Левица“.

Инаку, новиот премиер Мицкоски го доби мандатот за состав на нова влада на 6 јуни.