Во Парк Македонија во скопската општина Кисела Вода се одржа тридневниот Фестивал на инклузија, чие 3. издание според организаторите донесе позитивна енергија, поддршка и заедништво.
Здружението „Икуалити“ вели дека фестивалот храбро и истрајно ја потврди својата основна мисија дека секој еден од нас умее и може, со вистинска поддршка и љубов од околината.
„Третото издание на Фестивалот на инклузија ги разбуди најдлабоките емоции, ги ангажираше и вклучи сите генерации, инспирираше преку музиката, мотивираше преку заедничките и интегративни дружења, создаде незаборавни спортски доживувања, понуди филмско уживање и уште еднаш докажа дека со цел да стигнеме поблиску до целта – рушење на бариерите и создавање на отворено општество во кое сите сме едно – потребна е отворена комуникација, поддршка, разбирање и споделување љубов“, посочуваат организаторите.
Свеченото отворање на фестивалот започна на 20 јуни со настап на инклузивниот бенд на дечиња од училиштето „Димитар Влахов“ со оштетен вид, под водство на професорот Кристијан Тасевски и со настапот на пијанистката Ема Ананиевска, кои ја претставуваат заедницата на лица со попречености.
За прв пат од оваа година, Здружението „Икуалити“ започна и со доделување на наградите „Шампиони на инклузија“, за оние со чија општествена и лична одговорност беше допринесено кон зајакнување на процесот на социјалната инклузија.
Оваа година првите награди беа доделени во следните категории: Шампион на инклузија – амбасадор: Дејвид Гир, Шампион на инклузија – градоначалник: Орце Ѓорѓиевски, Шампион на инклузија – јавна личност: Ирена Спировска, Шампион на инклузија – лице со попреченост и организација: Ирена Поповска и организацијата „Пркос“, Шампион на инклузија – општествено одговорна компанија: КБ Прво пензиско друштво.
На официјалното отворање беше објавен повикот за најдобра инклузивна фестивалска фотографија „Сликни инклузија“, во рамки на кој сите имаа можност да ги забележат и објават фестивалските моменти и на тој начин да учествуваат и освојат вредна награда.
„На изложбата ‘Заедно МОЖЕМЕ’, на која учествуваа 65 детски цртежи, подготвени од креативните рачиња на децата од општинските основни училишта од Кисела Вода, а истите беа доказ дека нашите различности не прават посебни и прекрасни“, велат од организацијата.
Трите награди ги понесоа: Јелена Кајевска (V-5 одделение) од ООУ „Круме Кепески“, Дарко Станојевски (VI-2 одделение) од ООУ „Климент Охридски“ и Марија Миленковска (V-5 одделение) од ООУ „Круме Кепески“.
Вториот фестивалски ден, 21 јуни, беше наменет за негување на креативниот дух, забава, спортување и споделување на љубов. Во утринската програма се одржаа првиот дел на работилниците ‘Од отпад до украс’ и „Ние сме супер-херои’, во соработка со Специјалното училиште за рехабилитација и образование ‘Св. Наум Охридски’, како и спортската работилница „Испробај се – кошарка во колички’, која посетителите со нетрпение ја очекуваа за да се испробаат во најдинамичниот и најпопуларен спорт за лица со попречености во специјални спортски колички“, соопштуваат од „Икуалити“.
Вечерната програма започна со проекции во Киноверзум на шест интернационално наградени филмови – кои беа прикажани во соработката на Здружението „Икуалити“ со филмскиот фестивал „Ухвати филм“ од Нови Сад, Србија.
„Посетителите уживаа во селекцијата на филмови со инспиративни содржини со моќна порака – за отвореност, срдечност, љубезност и разбирање. Незаборавно вечерно музичко доживување приредија магичната Зарина Првасевда и младата инспиративна и талентирана Дина Јашари, заокружена со фантастичниот сет на ДЏ Џон Антонио“, велат организаторите.
Третиот ден, 22 јуни, во утринската програма се одржа вториот дел на креативните инклузивни работилници „Од отпад до украс“ и „Ние сме супер-херои“ со учесници од Заводот за рехабилитација за деца и младинци. Во попладневните часови кошаркарите во колички од Wheelchair Basketball Macedonia, заедно со неколку млади лица без попреченост изиграа меч во кошарка со колички. Веднаш потоа следуваше танцовата инклузивна претстава „Сеќавања“, во изведба на танцовото студио „Еурека“ со учество на 30-тина деца и млади со и без попреченост. Вечерта продолжи со музичкиот времеплов низ кој водеа Нина Јанева и бендот.
Инаку, фестивалот беше организиран од „Икуалит“ во соработка со организацијата „Визија Плус“, а со поддршка од Општина Кисела Вода.