Меѓународниот универзитет во Струга не може да основа Факултет за здравствени науки. Донесената одлука од претходното владино раководство е поништена, а информацијата беше потврдена денеска на првата седница на новата Влада, соопштуваат од Министерството за образование и наука (МОН).
Иако Проектот за основање на Факултетот не ги исполнувал законските услови, велат тие, претходната Влада донела одлука со која дала одобрение истиот да се реализира.
„Ова е констатирано од надлежните институции по ревидирање на спроведените активности во досегашниот тек на постапката“, посочуваат од МОН.
Од таму нагласуваат дека станува збор за регулирана професија согласно Директивата на Европската Комисија 2005/36 и 2013/55, па оттука, велат тие, потребни темелни и исцрпни анализи пред да се пристапи и даде Одобрение за вршење на високообразовна дејност за образование на овој тип на кадар.
„Во конкретниот случај, не се направени анализи за потребите од ваков кадар и условите за нивно образование и обука, ниту пак се извршени консултации со релевантни здруженија и надлежни органи по тој повод. Имајќи ги предвид констатираните сериозни и бројни недоследности, Одборот за акредитација го поништи решението со кое се акредитира проектот за основање на факултетот, додека Министерството за образование и наука го поништи решението за почеток со работа, донесено од претходниот министер“, соопштуваат од МОН.
Според министерството, новата Влада и МОН се одлучни да го унапредат квалитетот на образовниот систем. Односно, велат тие, постои конкретен план и програма во кои нема место за вакви злоупотреби на институциите, а законите мора да важат и ќе важат подеднакво за сите.