Субвенциониран студенски оброк: 30.000 студенти добиваа средства за храна, најчесто пазареле во супермаркет

Речиси 30.000 студенти оваа учебна година биле регистрирани како корисници на субвенционираниот студентски оброк, покажуваат бројките што агенцијата Мета.мк ги добила од Министерството за образование и наука (МОН) – институцијата надлежна за спроведување на оваа мерка. Студентите, генерално, се задоволни од проектот, но велат оти зголемување на сегашниот износ е повеќе од добредојдено. Денеска е последен ден за користење на средствата од оваа мерка, која ќе продолжи повторно од октомври. Новата владејачка партија најави покачување на субвенциите, но дали и кога ќе се случи тоа, останува непознато.

Месечно, дневно, па неделно

Од понеделник до сабота, освен на државни празници, студентите во Македонија добиваат по 140 денари дневно – субвенции за храна од државата. Средствата им легнуваат на специјализирани картички со кои потоа плаќаат кај угостителите и трговците што прифаќаат платежни картички.

Наменските картички кои ги добија корисниците на субвенциониран студентски оброк ги изработи Шпаркасе банка – банката одговорна за платниот промет на оваа мерка.

До минатата година, студентите средствата ги добиваа на своите трансакциски сметки на месечно ниво, и можеа да ги вадат и во готовина, па со нив, освен храна, купуваа и други добра.

Од оваа академска година, парите се слеваат на специјализираните картички и не можат да се вадат во кеш, додека воведени се и ограничувања за тоа каде сè може да се плаќа со нив. Со овие средства, студентите може да купуваат оброци само кај трговци кои произведуваат или продаваат храна, односно во ресторани, пекари, сендвичарници и маркети, кои овозможуваат плаќање преку ПОС терминали. Од друга страна, не може да се користат кај трговци од други дејности – како продавници за облека, бензински станици или аптеки.

Во октомври, со стартот на академската година, студентите средствата ги добиваа на дневна основа – имаа дневен лимит од 140 денари, кој, ако не го искористат во предвидениот ден, им пропаѓаат, а наредниот повторно го добиваат истиот износ.

По притисокот и реакциите од студентите и нивните формални претставници – универзитетските студентски собранија, начинот на исплата на субвенциите се смени. Од 1 март, наместо на дневна основа, паричните средства за оваа мерка се исплаќаат неделно – за шест дена во неделата. Па така, секој студент кој го остварил правото на субвенциониран оброк, на својата картичка добива неделен буџет од 840 денари.

Илустрација: Мета.мк

Најмногу се купува во супермаркети

Дури 86 отсто од студентите одговориле дека средствата за субвенциониран оброк, најчесто ги трошат во супермаркети, покажа кратката анкета спроведена на Инстаграм преку страницата Студентарија, на која одговорија повеќе од 5.000 студенти. Од останатите, 6 отсто рекле дека најмногу пазарат во помали продавници и киосци, а 5 проценти одговориле оти со картичките најчесто плаќаат во пекари и ресторани.

Бидејќи најголем дел од маркетите и продавниците прифаќаат плаќање со овие картички, студентите, покрај храна, повремено купуваат и други производи.

Според анкетата, целосниот износ исклучиво за купување на оброци го трошат помалку од половина од студентите (42 отсто). На прашањето „Колкав процент од средствата на неделна основа ги користевте за купување на храна“, 33 отсто одговориле дека неделно за оброци одвојувале помеѓу 80 и 99 отсто од износот, а 25 проценти рекле дека за храна им е наменет помалку од половина од вкупниот неделен износ од 840 денари.

Одбиени картички, засрамени студенти

Студентите се генерално задоволни од спроведувањето на мерката субвенциониран студентски оброк. „Жалат“ што не можат средствата да ги вадат во готовина како минатата година, но им олеснува неделниот, наместо дневниот лимит.

Сепак, во анкетата реагираат за неколку предизвици со кои се соочиле при аплицирање и користење на средствата. МОН секој месец објавуваше нов повик за студентите кои претходно не го оствариле правото на субвенциониран оброк, а студентите велат дека процесот на разгледување и одобрување на апликациите трае предолго – повеќе од еден месец. Студент што аплицирал во февруари и ги исполнува условите, одобрување добива дури подоцна во март, поради што му пропаѓаат средствата за повеќе од еден месец.

Дел од студентите велат дека одредени маркети и угостителски објекти воопшто не ни прифаќаат плаќање со картичките за оброк, и покрај тоа што имаат ПОС терминали. Онаму каде што се прифаќа, понекогаш се случува плаќањето да заврши неуспешно, дури и по неколку обиди, поради што мора да извадат пари од сопствен џеб или да си заминат засрамени, а производите да ги остават на каса.

„Во одредени маркети се случува и по неколку пати картичките да не поминат, па во таков случај мора да платиме со наши пари или да си отидеме засрамени“, стои во еден од десетици слични одговори на анкетата.

Додаваат и оти банкарската апликација не секогаш ја прикажува точната состојба на сметката, па поради тоа мора сами да водат евиденција кога и колку средства трошат, за да не го надминат лимитот.

Ќе се зголемат ли субвенциите за оброк од октомври?

Иако се задоволни, студентите признаваат дека е потребно зголемување на средствата кои ги добиваат по овој основ, особено поради растот на цените на прехранбените производи во споредба со претходната година.

Некои студенти велат дека е потребно предвидениот дневен износ да се зголеми на 200 денари, додека други би биле задоволни и со илјада денари неделно (околу 170 денари дневно).

Исто така, сметаат дека би било добро средствата што нема да ги искористат од оваа, да им останат на располагање и следната седмица, наместо да бидат повлечени во државната каса.

Од Министерството за образование и наука за Мета.мк велат дека, поради неискористување на сите средства од страна на студентите, месечно на државната сметка се враќаат од 10 до 15 отсто од првично исплатените суми.

Субвенционираниот студентски оброк се најде во предизборните програми на повеќе политички партии кои сега се дел од Собранието. Меѓу нив е и новата владејачка партија – ВМРО-ДПМНЕ, која во својата предизборна програма најави „достоинствен студентски оброк“ и „зголемување на износот“ без да прецизира како ќе се смени мерката и кога и колку ќе се покачат субвенциите.

Оваа мерка ќе продолжи да се исплаќа и во новата академска година која ќе стартува во октомври. Старо-новите пратеници во законодавниот дом на располагање го имаат цело лето за да покажат дали и колку навистина им се важни студентите и младите, кои на големо ги споменуваа во своите предизборни програми и партиски митинзи, барајќи ги нивниот глас и поддршка на изборите.

Мета.мк