Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска го објави рангирањето на Владата, министерствата и општините според 32 индикатори за антикорупциските перформанси во јавните набавки.
Ниту една институција, според извештајот на ЦГК не се наоѓа во зелената зона, односно има висока заштита од корупција, со остварување на антикорупциските перформанси од над 80 %. Институциите се сместени во три зони – црвена, жолта и зелена зависно од освоените поени за начинот на којшто ги спроведуваат јавните набавки, посочуваат од ЦГК.
„4 министерства и 43 општини се наоѓаат во црвената зона, односно нивните јавни набавки се спроведуваат со ниско ниво на заштита од корупцијата бидејќи имаат освено помалку од 50%. Најголема изложеност на корупција имаат Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците“, велат од ЦГК.
Кај општините пак, најниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси во јавните набавки е утврденo кај Кратово и Гостивар. Во црвената зона е и Градот Скопје, како и 40 други општини.
Најдобри перформанси кај министерствата, како што покажува рангирањето на ЦГК имаат Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со ниво на остварување на антикорупциските перформанси од 72%. Во меѓувреме, кај општините, најдобри антикорупциски перформанси во јавните набавки има Општина Кавадарци, со 70%, како и Велес и Пробиштип, со 66%.
„Ниското ниво не мора по секоја цена да значи корупција во јавните набавки на таа институција, туку дека не се преземаат сите можни мерки кои треба да ја спречат, и оттука можноста таа да се случи во овие институции е повисока“, посочуваат од ЦГК.
Целосното рангирање може да се погледне на следниов ЛИНК.