Во Охрид денеска започнува шестото алтернативно културно-забавно лето на Културолошката иницијатива „5 до 12“, односно, оваа година настанот за првпат ќе има фестивалско издание.
Фестивалот ќе се отвори вечерва, на скејт-паркот во Охрид, со почеток во 18 часот со настанот „Free Spirit Day“. Најавени се музички настапи на „Rootboy Selector“, слушачка промоција на новиот алубм на „Primitive Dread“ и концертен настап, настап на „Новиот Почеток“, а потоа во клубот „Ребел“ се најавени настапи на бендот „ИСКРА“, како и на диџеите „Grinsen“ и „Fitz from the World“.
Во сабота пак, е предвидено да се одржи и традиционалниот скејт натпревар и настап на локалните диџеи „Шизика“, „Ацко“, „Достин“, „Багзи“ и „s1m3 DnB“. Исто така од 18 часот.
Еден ден потоа, на 7 јули, ќе се одржи настанот „Wake@Lake“, односно дружба со кафе на изгрејсонце на старото пристаниште во градот, кое ќе започне во 5 часот.
За на 8 и 9 јули е закажано летното кино со автомобили „Summer Drive-in Cinema“, со проекциите на филмовите „Те дуа, жими мене“ и „The Happiness Effect“. Проекциите е предвидено да започнат во 21 часот во поранешната охридска касарна.
Во склоп на фестивалот, на 10 јули во 20 часот ќе се одржи и настанот „Museum Mashup“, односно изложба на фотографии, поетско читање, музички настап и премиерна проекција на краткиот документарец „Бело платно“.
Фестивалот ќе заврши со традиционалната староградска пловидба со ВИС Билјана. Настанот ќе започне во 17:30 часот од Канео, по што ќе се плови до старото пристаниште каде ќе следува концертот на ВИС Билјана до 20:30 часот.