Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечна субвенција на жителите на Општина Центар – Скопје, за купување нов велосипед, е-велосипед и е-тротинет во 2024 година.
Јавниот повик е отворен денеска и ќе трае се до исцрпување на средствата предвидени во Буџетот на општината.
„Со Јавниот повик ‘Цел Центар на точак’, Општина Центар – Скопје ќе ги субвенционира полнолетните жители на општината со 30% од цената, но најмногу до 3.000 денари, за купен нов велосипед, е-велосипед и е-тротинет почнувајќи од 1 јуни“, соопштија од општината.
Заинтересираните е потребно да ги достават следниве документи:
- Барање за субвенција за купување на нов велосипед, е-велосипед и е-торитинет (достапно е во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака бр.6) и на веб страната на Општина Центар-Скопје centar.gov.mk.)
- Копија од лична карта;
- Копија од трансакциска сметка;
- Фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет.
Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на општината, барака бр. 6, од 9 часот до 15 часот, почнувајќи од денот на објавување на јавниот повик. По доставувањето на документите, на предлог на комисија, Градоначалникот на Општина Центар – Скопје носи решение за усвојување, односно известување за неусвојување на барањето, додаваат од општината.
Правото на субвенција е еднократно, а за сите дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 02/3203-600 и 02/3203-693.