[Видео] Лего претстави коцки направени од вселенска прашина

Научниците на Европската вселенска агенција (ЕСА) во соработка со компанијата Лего направија 3Д коцки од вселенска прашина. Материјалот и начинот на кој се составуваат лего коцките еден ден би можеле да помогнат во решавањето на проблемот со изградбата на објекти на Месечината, како засолништа за астронаутите, пренесува Индекс.

„Никој никогаш не изградил структура на Месечината, така што мораме да откриеме не само како ќе ги изградиме, туку и од што ќе ги изградиме. Не можеме да носиме никакви материјали со нас“, вели научникот во ЕСА, Ејден Каули.

Единствениот недопрен лунарен материјал моментално на Земјата е 382 килограми камења и реголит собрани од астронаутите на Аполо и малку материјал од роботски мисии. Па така, тимовите наместо тоа, користеа материјал од метеорит стар 4.5 милијарди години – NWA 869, кој беше пронајден во северозападна Африка во 2000 година.

Метеоритот содржи метални зрна, хондрили и други елементи, а научниците го сомлеле во прав и го измешале со симулиран реголит. Потоа, тимот го искористи материјалот за изработка на 3Д принтани Лего коцки, со што докажаа дека меѓусебно поврзани коцки можат да се произведат на Месечината од реголит и да се користат за изградба на месечевни бази.

Според Лего, коцките од метеорит се вклопуваат заедно како класични блокови, исто како и пластичните коцки, а до септември заинтересираните ќе можат да ги видат изложени во одбрани брендирани продавници ширум светот.