Наредните 25 години може да бидат период на мир, брз технолошки напредок, одржливост на животната средина и крај на сиромаштијата – доколку се придржуваме до Повелбата на ОН и ги вложиме нашите ресурси во мир и одржлив развој, наместо во војна.
Геополитиката во моментов се наоѓа на крстопат – дали светот ќе се обедини за да одговори на заедничките предизвици; дали ќе се подели долж ривалските блокови кои се предводени од САД и Кина; или, пак, ќе прерасне во катастрофална светска војна? Сите три исходи се можни, но само првиот начин (глобалното единство) е нешто што навистина ќе биде во полза на потребите на луѓето. Земјите-членки на ОН ќе имаат средба во Обединетите нации на 22 и 23 септември на Самитот за иднината. Станува збор за суштински важен момент за тоа народите во светот повторно да се обврзат на глобално единство според Повелбата на ОН.
Соединетите Американски Држави предводени од претседателот Френклин Д. Рузвелт беа едни од оние кои ги создадоа Обединетите нации на крајот на Втората светска војна. Главната цел, како што е искажано во Повелбата на ОН, е „ идните генерации да се спасат од злото на војната“. ОН има за цел да имплементира систем на колективна безбедност согласно меѓународното право. Советот за безбедност на ОН е воспоставен како место каде што глобалниот мир ќе се заштитува и чува.
Се разбира, веднаш по создавањето на Обединетите нации, светот брзо западна во Студена војна помеѓу двете нуклеарни суперсили – САД и Советскиот Сојуз. Голем број на регионални војни беа, се разбира, прокси војни кои се водеа помеѓу двете суперсили. Сепак, ОН помогнаа да се оневозможи повторувањето на глобална војна и обезбедија суштинска рамка за ограничување на трката во нуклеарно вооружување и избегнување на случајна или намерна спирала кон нуклеарен Армагедон. Дипломатијата на ОН одигра витална улога, на пример, при мирното решавање на кубанската ракетна криза во октомври 1962 година.
Светот можеби навистина почна да се движи во насока на глобално единство по завршувањето на Студената војна во 1991 година, но САД избраа погрешна стратегија. Наместо да го прифатат меѓународното право и Повелбата на ОН, САД го направија речиси спротивното од тоа. Одлучија дека, како „единствена светска суперсила“, САД сега ќе го предводат светот и тоа надвор од меѓународното право.
Ваквиот избор, кој се покажа како катастрофален, беше јасно искажан од т.н. неоконзервативци, кои се група на креатори на политики во САД и јавни интелектуалци и кои беа предводници на американската хегемонија (понекогаш наречени „доминација во целосниот спектар“), спротивно на меѓународното право кое се заснова на Обединетите нации. Неоконзервативците го промовираа Проектот за нов американски век (PNAC). Клучниот документ на проектот Обнова на одбраната на Америка (септември 2000 година) стана еден вид патоказ за американската политика во периодот од 2000-та година наваму.
Патоказот предвидува дека САД ќе бидат светски полицаец и единствен таков полицаец. Патоказот ова го нарекува „констабуларна“ (воена) должност на Америка и предвидува водење на локални војни предводени од САД. Toj експлицитно ја отфрла улогата на Обединетите нации и вели дека:
овие констабуларни (воени) мисии имаат многу посложена природа и веројатно е дека ќе генерираат насилство во споредба со традиционалните „мировни“ мисии. Како прво, тие бараат американско политичко лидерство а не лидерство на Обединетите нации… Ниту, пак, САД можат да заземат став на неутралност кој е сличен на оној на ОН; доминацијата на американската моќ е толку голема, а нејзините глобални интереси толку широки, што таа не може да се преправа дека е рамнодушна кон политичкиот исход на Балканот, Персискиот Залив или дури и кога распоредува сили во Африка.
САД досега го следеа овој патоказ преку неколку катастрофални војни и долгорочно присуство на американски војници, вклучително и на Косово (од 1999 година), Авганистан (2001-2021 година), Ирак (од 2003 година), Сирија (од 2011 година) и Либија (од 2011 година).
Хегемонистичката стратегија на САД, исто така, придонесе кон почетокот на војната во Украина, која произлезе од желбата на САД, изразена во 1990-тите и спроведена од 2008 година наваму, да ја внесат Украина во НАТО.
Надворешната политика на САД е директно спротивна на мултилатерализмот на Обединетите нации. Владата на САД честопати избира да не го почитува меѓународното право, мошне често става вето на мерките кои се усвоени од другите членки на Советот за безбедност на ОН и исто така многу често гласа против големото мнозинство во Генералното собрание на ОН, а потоа ги игнорира тие гласови кога е на губитничката страна. САД, всушност, остваруваат резултати кои се на најниско ниво во светот според новиот индекс на мултилатерализам кој се заснова на ОН. Таканаречениот „поредок кој е заснован на правила“ и е фаворизиран од САД значи дека се работи правила кои се по мерка на САД, а не правила кои се правила договорени од земјите-членки на ОН.
Проблемот со американскиот пристап е во тоа што се заснова на опасна заблуда: дека една земја со 4,1% од светското население може да им диктира правила на останатите 95,9% од населението во светот! Од 1991 година наваму, неконзервативците веруваа дека САД секако имаат моќ да ја наметнат својата волја, без разлика дали останатите го сакаат тоа или не. Тие, исто така, се чини дека веруваат во тоа дека остатокот од светот копнее за американско лидерство. Всушност, поголемиот дел од светот се залага за сосема поинаква идеја: немешање во нивните внатрешни работи. Тие не сакаат мешање на САД, ниту војна или обиди за соборување на нивните влади!
Ова се суштинските прашања што 193-те земји-членки на ОН ќе ги разгледуваат на Самитот за иднината. Тоа може да биде момент во кој ќе биде остварен на пробив во однос на светскиот мир – и тоа ако САД признаат дека имале длабоко погрешна надворешна политика во 1990-тите години.
Светот копнее за мултилатерализам во кој големите сили, особено САД, Кина и Русија ќе ја обноват дипломатијата и мирната соработка помеѓу себе и со остатокот од светот. Светот исто така сака да види мир на Блискиот Исток врз основа на решението за две држави. Светот копнее по мултилатерализам кој не е заснован на хегемонија, туку на меѓународно право и колективна безбедност. Во еден таков свет, прекуокеанските воени бази и сојузи како што е НАТО би играле многу помала улога a мировниците на ОН би имале многу поголема улога. Всушност, прекуокеанските воени бази треба да бидат целосно укинати бидејќи ќе завладее вистинскиот мултилатерализам.
Наредните 25 години може да бидат период на мир, брз технолошки напредок, одржливост на животната средина и крај на сиромаштијата – доколку се придржуваме до Повелбата на ОН и ги вложиме нашите ресурси во мир и одржлив развој, наместо во војна.
*Џефри Д. Сакс работи како директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот Колумбија, каде е и универзитетски професор, највисокиот академски ранг на универзитетот. Тој е претседател на мрежата за решенија за одржлив развој на ОН, копретседател на Советот на инженери за енергетска транзиција, член на академијата за општествени науки во Ватикан, Комесар на Комисијата за развој на ОН за широкопојасен интернет, почесен професор на Универзитетот Санвеј и застапник за SDG за генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Од 2001-2018 година, Сакс беше специјален советник на генералните секретари на ОН, Кофи Анан (2001-2007), Бан Ки-мун (2008-2016) и Антонио Гутереш (2017-2018).
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.