Голем број средношколци и нивните семејства ги истражуваа програмите и можностите што ги нудат високообразовните установи во земјава, на првото издание на саемот на универзитети „УниКомпас“ што се одржа вчера во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Саемот, во организација на најголемата студентска заедница „СтудентаријаМК“, се покажа како трансформативно искуство кое на идните студенти им обезбеди платформа за да комуницираат директно со претставниците на факултетите и образовните институции, велат организаторите и додаваат дека средношколците од прва рака се запознаа со студиските програми, уписните рокови, можностите за стипендии и кариера и животот на кампусите.
„Имавме успешно прво издание на ‘УниКомпас’. На настанот присуствуваа голем број средношколци, нивни родители и поддржувачи, претставници на десетици факултети, кои создадоа енергична и инспиративна средина за истражување на можностите за образование и кариера. Ентузијазмот на учесниците ги надмина нашите очекувања и беше неверојатно убаво да се види како се создаваат вакви значајни врски меѓу младите луѓе и високообразовните установи, организациите и компаниите“, изјави Гоше Николов, креатор на платформата „СтудентаријаМК“ и организатор на саемот.
За средношколците, овој саем беше одлична можност да се запознаат со она што го нудат факултетите.
„Не секогаш на веб-страниците на факултетите можеме да ги најдеме информациите кои ни се потребни. Овде имаме директна можност да зборуваме со професори, да видиме што работат и да се запознаеме со она што би го студирале. Јас се определив за Медицински факултет, тоа ми беше желба уште кога бев во основното образование“, изјави матурантката Ана Спасовска.
На саемот се претставија четири универзитети, во рамки на кои функционираат повеќе од 30 факултети и институти, а учество зедоа и компании и организации за студенти и млади.
„Вакви настани се важни за младите, овде можат да дојдат и да видат како се изучуваат природните науки. Овде може да видат експерименти, да поразговараат со професорите. Вкупно имаме околу 300 студенти на Природно-математичкиот факултет. Бидејќи се дефицитарни кадри, нема невработени од нашите дипломци“, вели професорката Даница Крстовска, раководителка на Институтот по физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Изборот на факултет и кариера е една од најважните одлуки во животот.
Маркетинг директорката на „Бреинстер Некст Колеџ“ Ања Марија Макеска вели дека во земјава не се обрнува доволно внимание во образовниот систем на таа одлука и затоа смета дека треба да има поголем фокус на тоа уште во основното образование.
„Потребни се кариерни насочувачи кои ќе им ги објаснуваат на младите идните професии. Важно е да имаме луѓе кои се во тек со новите трендови во технологијата, па ни требаат повеќе обучени луѓе во тој дел“, рече Макеска.
Целта на саемот „УниКомпас“ беше да ги опреми матурантите со увид и ресурси што им се потребни за да донесат информирани одлуки за продолжување на нивното образование.
Организаторите најавуваат поголемо, поинтересно и богато второ издание на саемот, кое ќе се одржи во првата половина на 2025 година.
Саемот се одржа во организација на „СтудентаријаМК“, со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности. Генерален покровител на настанот беше Шпаркасе Банка АД Скопје, а „УниКомпас“ го поддржа и Град Скопје.