Џулијан Рахлин заедно со Македонската филхармонија ќе го отвори „Охридско лето“

Виолинистот Џулијан Рахлин заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи на овогодинешното свечено отворање на фестивалот „Охридско лето“ на 12 јули (петок) со почеток во 21 часот на зданието на Античкиот театар.

„Светскиот музичар Рахлин ќе се претстави и како диригент, а на програмата се Концерт за виолина и оркестар во e-moll оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната Увертира-фантазија ‘Ромео и Јулија’ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски“, велат од Македонската филхармонија.

Како што истакнуваат оттаму, „виртуозот на виолина“ е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку.

„Над 30 години неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките кои критиката ги оценува како исклучителни, ги издаваат на носачи на звук престижните издавачки куќи ‘Дојче Грамофон’, ‘Сони Класикал’ и ‘Ворнер Класикс’“, објаснуваат од Филхармонија.

Античкиот театар, Долни Сарај, Црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, како и Центарот за култура „Григор Прличев“ и годинава ќе бидат локациите на кои ќе се случуваат најголемите уметнички настани на „Охридско лето“ од 12 јули до 20 август. На нив ќе настапат над 500 уметници од 24 земји: Србија, Литванија, Словенија, Германија, Австрија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Русија, Чешка, Венецуела, Бразил, Шпанија, Црна Гора, САД, Хрватска, Словачка, Романија, Грција, Кина, Полска, Франција, Белгија и секако од Македонија, најавија од организацијата.

Уметничката програма селектирана од Бисера Чадловска и Сања Арсовска ќе донесе 36 доживувања од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации, и по една изложба и промоција на книга.

„И оваа година зачекоривме со голема возбуда, но и со стремеж  да го зачуваме реномето на најпрестижна културно-сценска манифестација. Предизвикот да се биде домаќин на уште едно незаборавно издание на фестивалот ‘Охридско лето’ нѐ обврза да понудиме квалитет со кој на сцената по 64-ти пат ќе одекне магијата на бројните светски музички гласови и творечкиот дух на врвните театарски претстави“, појасни Наташа Поповиќ, директорката на „Охридско лето“.

Репертоарот на класичната музика ќе го донесе пијанистот Бери Даглас од Велика Британија, гитаристот Герхарт Рајхенбах од Германија, како и француско-белгиското дуо на виолончело и пијано Ками Тома и Џулиен Брокал. На програмата ќе биде и нашиот, светски познат гитарист Влатко Стефановски. Роденденот на „Охридско лето“ на Долни Сарај ќе се прославува со спектакуларен настан, со салса ансамблот „Меркадонегро“.

„Првата премиера на ‘Охридско лето’ ќе се случи на 22 јули со претставата ‘Галеб’ на Битолскиот народен театар, а во режија на Багријана Попов. После ова, на 28 јули, следи уште една премиера на Шекспировата ‘Крал Лир’ во продукција на ‘Lit Moon theatre company’ од Калифорнија, САД, а во копродукција со Финска, Ерменија и Македонија. Претставата е режирана од Џон Блондел. Третата премиера е од театарот ‘Џинот’ од Велес на 30 јули. Се работи за претставата ‘Рацин’, работена според делото на нашиот непослушен комунистички романтичар, по драматизација на Сашо Димовски, а режија на Дејан Пројковски“, најави селекторката Арсовска.

Покрај премиерите, драмската програма на 64-тото „Охридско лето“ ќе ги донесе и театарските претстави „Безгрешна“ со Словенско народно гледалиште „Драма“ од Марибор, „Лет над кукавичкото гнездо“ со Драмски театар Белград, стенд-ап шоу на српскиот и холивудски актер Никола Ѓуричко, како и претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во продукција на Југословенскиот драмски театар Белград, која ќе ја спушти завесата на годинешното фестивалско издание.

Целосната програма можете да ја погледнете на следниов линк.