„Де бе за 100 денари, еднаш облечи го и фрли го!“ „Живо џабе, не ти се исплати да переш, носи – фрли“ „Ич не му се мисли, за тие пари супер е“ се реченичките кои најчесто се слушаат во продавничките за Second hand алишта, она што ние го велиме „втора рака“, користена гардероба или носени алишта.
За дообјаснување на оние кои не знаат, цените на алиштата во овие продавници се движат од „се за 230 денари“ до „се за 50 денари“ по парче, кога има попусти, а некаде се продава и на кило, на пример во една од продавничките е 400 денари за килограм облека. Ако станува збор за нешто брендирано и ново (што е исклучок) може да достигне цена од 500 до 1500 денари, ама и тоа е неколкукратно пониска цена од редовната во дуќаните (дури и кога има попуст во нив). Пред некоја година Second hand продавнички имаше подалеку од центарот на градот, најчесто беа збутани на некој агол и не беше јасно напишано на нив за каква облека станува збор. Си имаа редовна клиентела која постојано доаѓа да провери што ново се појавило, а останатите гадливо ги одминува тивко коментирајќи „овде алишта од умрени продаваат“. Оттогаш сме напреднале во свесноста и сега веќе не е срамота (добро де, не за сите) да се купува таму, веројатно зашто бевме (или наши блиски беа) низ светот и ни кажаа дека цел свет така купува, па сега продавничките може да се најдат во строгиот центар, повторно си имаат редовни муштерии, но и љубопитни минувачи кои проверуваат што има внатре.
Иако со тешко срце и поразена во својата идеја за одржливо живеење, изјавувам дека иако напредуваме сепак ја губиме битката со отпадот од текстил. Се покажа дека не е така едноставно ако во системот на промена се работи еднострано и притоа не се земе во предвид ризикот кој се појавува. Во нашиот случај пример за промената е појавувањето баш на овие, Second hand продавнички. Тие требаше да ни донесат налет на етичност во купувањето, свесност за постапките, грижа за околината, а наместо тоа ни понудија дополнителна опција да се засили конзумеризмот, да се зграби повеќе и да се загади дополнително. Она што се превиде е нашата куповна моќ, процентот на лица кои се во ризик од сиромаштија и културната матрица.
Едноставно кажано, ако купувањето е водено само од финансиски можности и до пред некое време со 1000 денари сте можеле да си дозволите купување на најмногу 2 парчиња облека, сега со тие пари може да купите до 20 парчиња, што е повеќекратно зголемување на количината на отпад од текстил. Според културната матрица во која сме заглавени, повеќе парчиња облека не прават вредни за почит, ни ја демонстрираат финансиската моќ и не распоредуваат во класната припадност, што повторно поттикнува на конзумеризам.
За да не ми биде паушален муабетов ќе се обидам да направам неколку категории на активни купувачи и да ги скицирам нивните шеми на однесување за да ви презентирам дека само по себе купувањето во Second hand продавница не е доволно во контекст на намалување на отпадот од текстил, туку напротив, кај нас цената на прозводите ја надмина првичната цел и сега генерираме повеќе отпад од претходно.
- Млади луѓе, група 1 – супер свесни за состојбата со животната средина и загрижени за проблемот со текстилот од отпад, дојдени да најдат модерно, винтиџ или уникатно парче за да може креативно да се изразат и да си ја збогатат гардеробата по пристапна цена. Додека одбираат си муабетат како нешто би преправиле, искомбинирале, смениле. Не купуваат многу, само одбрано и се најбројни кога има „нова роба“.
- Млади луѓе, група 2 – сакаат да се вклопат во мнозинството и се робови на брендови, дојдени само да најдат парче со видливо истакната марка, по цена многукратно пониска од редовната. Не знам дали ги интересира животната средина, но со сигурност знам дека кога би имале доволно пари никогаш не би купиле носено алиштенце. Сакаат многу да купуваат, ама мерка им е моменталниот буџет – колку можат да си дозволат.
- Вработени луѓе, млади и средовечни – дојдени да си најдат алишта по пристапна цена „за на работа, да имаш што да смениш“. Одбираат квалитетни материјали и соодветни модели за деловни прилики. Важна им е удобноста и да се во тренд со тековната мода. Не ја комуницираат етичката страна (иако може да им е важна) и не им е најважно да биде најевтина варијанта. Некои од нив малку срамежливо пребаруваат, но ситуацијата во која се наоѓаат ги принудува да го трпат срамот. Веројатно менуваат гардероба сезонски, дека нели „срамота е се во едно да те гледаат, ќе речат немам да си купам“. Купуваат онолку колку што им е потребно, не претеруваат, но повеќе од редовно во класичните дуќани.
- Млади, средовечни и повозрасни луѓе, група 1 – најчесто доаѓаат со пријател/ка кога цените се многу ниски. Алчно ги поминуваат сите алиштенца по неколку пати, меѓусебно се консултираат, пробуваат со саати, се мислат и премислуваат и си одат со полни ќеси. Вообичаено си бараат и специјални парчиња „за дотерување“ за некоја прилика или за редовни искачанки. За некои работи не се сигурни дека им прилегаат и дека ќе ги носат, но веруваат дека „ќе им се најдат“. Дел од купеното е за блиски во семејството и пријателите. Ич не ги занима животна средина, а веројатно не се дел ни од групите за размена и подарување.
- Млади, средовечни и повозрасни луѓе, група 2 – луѓе со ограничен буџет за кои овие продавници се можност да се купи соодветна облека за малку пари. Внимателно ги прегледуваат алиштата, важно им е да се добро зачувани и квалитетни (ако се бренд уште подобро), најважно им е добро да им прилегаат и да може долго да се носат. Најмногу купуваат секојдневна облека – фармерки, блузи и јакни. „Ќе си го изнаносам ова“ е коментарот кој го имаат на каса. Купуваат кога се цените пониски, но купуваат колку што им е потребно. Купувањето им е водено од буџетот, не од грижата за животната средина, иако меѓу нив има многумина што ова го прават и по избор. Веројатно не фрлаат туку донираат и разменуваат.
- Млади, средовечни и повозрасни луѓе, група 3 – луѓе кај кои не остануваат доволно пари да се „тера мода“ туку имаат потреба од доволно облека и овие продавници им се единствена шанса за малку пари да „се облечат“, особено ако семејството е побројно (тогаш приоритет во изборот имаат децата на школска возраст). Се купува најевтиното, не мора ни да е најквалитетно, ако треба и ќе се закрпи, но важно е да им е точно. Најбројни се кога цените се најниски и аспектот на животна средина не е во факторите кои влијаат на изборот.
- Повозрасни и луѓе во одминати години – важно им е да е евтино и носливо „по дома, кој те гледа“, но и „да имам да отидам до некаде“. Прават гужва и турканици во деновите кога има најголем попуст, кога едно алиштенце е за 50 денари. Тоа покажува дека финансиската состојба им го дефинира изборот. Ова им е единствена можност сами да си одберат нешто за себе, во спротивно носат од децата или роднините, тоа што им дале, или тоа што имаат, се додека не стане неносливо. Кај оваа целна група не е соодветно да коментирам за аспектот на животната средина.
- Спортисти и рекреативци – прават гужва и себично се борат за тоа што им се допаѓа кога доаѓа нова тура на алишта. Си одбираат исклучиво брендирани парчиња од спортски фирми или алишта соодветни за нивниот тренинг, внимаваат да се квалитетни и да се зачувани. Им требаат и ги купуваат, инаку им се доста скапи и не сите може да си ги дозволат. Не знам каков им е ставот околу отпадот, но дефинитивно сакаат да заштедат.
- Родители на мали деца – собираат се пред себе, само да е точно и евтино. Купуваат многу. Причината за тоа е што детската облека кратко се носи, брзо се оштетува, а да се купи нова е прескапа. Сакам да верувам дека потоа тие алиштенца циркулираат низ пошироките семејствота и кај нивните пријатели, во групите за размена или се подаруваат наместо да завршат во контејнер, но не знам дали е така. Во животната фаза во која се наоѓаат не знам дали им е поважно „да преживеат“ или да го спасуваат светот.
Мислам дека ги опфатив најголемите групи и редно е да кажам дека нема строги граници меѓу нив и претставници од секоја од групите понекогаш е дел од друга група. Оваа систематизација дава добар увид за тоа дека во нашиот контекст ограничените финансиски можности (приходната сиромаштија) влијае многу повеќе на изборот на купувањето облека отколку свесноста за нејзиното влијание кон животната средина (вклучително процесите на производство, употребата на ресурси, аспектите на почитување на човековите права и справувањето со отпадот). За жал овие примери прикажуваат и стимулирање на потрошувачката преку промовирање на ниски цени, односно поголемо генерирање отпад.
Да се навратам на почетните реченички. Ако сакаме да зборуваме за свесно и одговорно купување и намалување на отпадот од текстил, потребно е многу повеќе само од промоција на second hand алиштенца. Некаде имав прочитано дека лесно е да се промовира купување на носена облека од луѓе кои имаат доволно пари да си купат нова. Тие не го носат на себе чувството дека тоа е се што може да си дозволат, туку им е избор. Тие не се соочуваат со својот срам дека се принудени да купуваат на старо, туку го прават свесно и за повисока цел. И сосема се согласувам со тоа.
Затоа нашата цел треба да биде да ги донесеме луѓето со доволно пари, „трендсетерите“ и „инфлуенсерите“ во second hand продавничките. Таму ни се потребни се повеќе луѓе со лична одговорност, свесност и грижа наместо притиснати од личните финансиски состојби. Потребно е:
- кај луѓето кои имаат можности за избор да се влијае на навиките за купување и намалување на конзумеризмот,
- да се менува наративот од „за сиромашни“ кон „за свесни“, а дискусијата да оди од насоката „што сакаме“ кон „што вистински ни е потребно“
- да се засили едукацијата за тоа како влијаеме со нашите избори врз животната средина, но и како тоа рефлектира врз нашето здравје,
- да се влијае врз намалување на правење отпад од текстил, вклучително да се менуваат навиките за купување (да се купува помалку и да се купува одговорно), да не се фрла туку да се реупотребува, да се иновира и дава нова примена,
- да се поддржуваат донирања, размени и реупотреба на облека со цел да се поттикне вмрежување и заедничко делување на темата,
- да ги поддржиме и да им се заблагодариме на грижливите граѓани.
За крај, не обвинувам никого, туку само контстатирам една реална слика. Ова е само еден супер мал сегмент во целокупното одржливо живеење. Целта ми беше да укажам дека иако некогаш намерите се добри, крајниот резултат е неповолен и треба да учиме од тоа. Ставовите се лични, засновани на перцепција, направена анализа (одблизу) на однесувањето на купувачите и многу време поминато помеѓу штендерите во second hand продавничките. Се надевам дека ќе ги споделите вашите размислувања и дискусијата ќе ја продолжиме во коментарите.
Билјана Дуковска, граѓански активист
*Текстот првично е објавен на блогот dukovska.wordpress.com