Министерството за образование и наука (МОН) објави Конкурс за стипендии за додипломски студии од прв циклус за кандидати примени на реномираните универзитети во светот, согласно листата на реномирани универзитети во светот од областа на ликовната уметност, кинематографијата и филмската продукција, драмската уметност и музиката за академската 2024/2025 година.
Право на стипендија има кандидатот кој ги исполнува следните услови:
1. Да има завршено соодветно средно образование, при тоа до денот на пријавувањето да остварил успех во средно образование од најмалку просечна оцена 4.50 од сите предмети во текот на средното образование, а доколку учи средно образование во странство, да остварил еквивалентен просечен успех од најмалку просечна оцена 4,50 од сите предмети во текот на средното образование;
2. Да е примен на додипломски студии од прв циклус за прв пат во прва година во академската 2024/2025 година на еден од реномираните универзитети во светот, согласно листата на реномирани универзитети во светот од областа на ликовната уметност, кинематографијата и филмската продукција, драмската уметност и музиката во прилог на конкурсот.
3. Да има доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата
4. Да не е корисник на стипендија од друг даватели
5. Да е државјанин на Република Северна Македонија
6. Да не му била доделена претходно стипендија од Министерството за образование и наука за додипломски студии од прв циклус во странство од областите на ликовната уметност, кинематографија, и филмска продукција, драмската уметност и музиката, а независно дали кандидатот истата ја искористил, делумно ја искористил или не ја искористил.
„На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 УСА долари годишно, исплатени во соодветна валута, според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на објавувањето на овој конкурс, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, а месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2024/2025 година на прв циклус на студии (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Организацијата на Обединетите Нации). Секој износ над горенаведената сума за уписнина е на товар на студентот“, соопштија од МОН.
Кандидатите кои ги исполнуваат условите од конкурсот, треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на следниов ЛИНК, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, треба да пополнат хартиена пријава – барање за поврат на средства и ја достават потребната документација по конкурсот во МОН.
Рокот за пријавување на кандидатите за користење на академски стипендии за студии од прв циклус во странство е најдоцна до 15 септември.