МОН и БРО повикуваат на јавна консултација за наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение

МОН и Бирото за развој на образование (БРО) започнуваат јавна консултација за наставните програми од седмо до деветто одделение со цел оние кои се веќе изработени да се унапредат, а новите кои треба да се подготват да ги содржат сугестиите на, како што истакнуваат оттаму, оние чие мислење е најважно во процесот на обликување на воспитно-образовниот систем, односно наставниците – практичари.

„Сите чинители на воспитно – образовниот процес, можат да дадат свои сугестии за унапредување на постојните наставни програми за седмо и осмо одделение кои се веќе изработени и да учествуваат во изработка на новите за деветто одделение, преку електронските адреси nastavniprogrami7@mon.gov.mk, nastavniprogrami8@mon.gov.mk и nastavniprogrami9@mon.gov.mk“, се вели во соопштението на Министерството за образование и наука (МОН).

Од таму посочуваат дека новата Влада ја одложи имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение, поради, како што велат, бројните реакции во јавноста дека интегрирањето на предмети ја отежнува реализацијата на наставата, но и на оценувањето, создавајќи конфузност и кај наставниците и кај учениците.

Според нив, незадоволството од нискиот квалитет на воспитно – образовниот процес иницира промени, кои неопходно е да бидат креирани преку поширок консензус. Оттаму ги повикуваат сите заинтересирани, а особено потенцираат дека проактивност очекуваат од наставниот кадар, да ги достават своите сугестии најдоцна до 31 август.

„Во интерес на транспарентноста на процесот, МОН и БРО ќе ги споделуваат пристигнатите сугестии, а за сублимирањето и креирање заклучоци, ќе се дискутира на јавен настан“, децидни се од Министерството.

Надградените, односно новите, наставни програми ќе се воведуваат етапно, во 2025 година во седмо, 2026 година во осмо и во 2027 година во деветто одделение.