Судскиот совет ја отфрли иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за утврдување на одговорност на членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), оценувајќи ја како ненавремена.
Од друга страна, ДКСК тврдат дека постапката за утврдување одговорност била иницирана во рамките на законските рокови, како и во рамките на законски утврдените надлежности на Комисијата.
„Имено, Иницијативата е поднесена во рокот од 15 дена од приемот на последната одлука донесена од страна на Вишиот управен суд на Република Северна Македонија, во врска со конкретниот случај, а во согласност со Законот за спречување на корупцијата“, истакнуваат од ДКСК.
Исто така, тие потенцираат дека рокот од 15 дена не е преклузивен рок, истиот е инструктивен рок, односно со негово пропуштање на се губи правото за преземање на определено дејствие, бидејќи нема одредба во Законот која предвидува последица од непостапувањето по тој рок.
„За оваа одлука сме информирани единствено преку медиумите, додека по официјалниот прием на одлуката ќе бидат искористени сите правни средства за нејзино оспорување“, наведуваат од Комисијата.
Оттаму посочуваат дека најголем императив во постапувањето на Судскиот совет треба да биде санкционирање на пријавените, со оглед на тоа што, велат тие, од пријавените лица е постапено спротивно на закон. Ова е утврдено со одлука на ДКСК, и потврдено од Вишиот управен суд на Република Северна Македонија, во рамките на законските рокови.
„ДКСК останува посветена на промовирање на транспарентност и отчетност и нема да отстапи од својата мисија да дејствува одлучно во заштитата на јавниот интерес“, децидни се тие.
Дополнително, од Комисијата додаваат дека остануваат посветени на соработката со сите надлежни институции и на примената на сите достапни правни средства за постигнување на своите цели.
„Остануваме отворени за комуникација и информирање за сите понатамошни чекори во врска со оваа постапка“, велат од ДКСК.