Решавање на проблемите со кои што се соочуваат лекарите во Македонија, меѓу кои и предизвиците со бирократијата, беа теми на разговор на директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски со претставници на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова Дервишова и Мевљудин Куч.
Од ФЗО велат дека приватните здравствени установи (ПЗУ) се носечки столб на примарното здравство и тие се првиот контакт на граѓаните со лекарите. Нивната подобра ефикасност, посочува Фондот, зависи од подобрите услови за работа што значи пред се’ намалување на бирократијата која во моментов е обемна.
„Плановите на Фондот за здравствено осигурување е значајно да го подигне степенот на дигитализација и со тоа драстично да се намали бирократијата, а во исто време да се постигне побрз проток на информации помеѓу институциите во здравствениот систем. Дигитализацијата ќе ја намали и можноста за злоупотреби, а во исто време ќе ја подобри услугата на пациентите“, потенцира в.д директорот Сашо Клековски.
Лилија Чолакова Дервишова од Здружението на приватни лекари, за агенцијата Мета.мк изјави дека во здравството треба хартијата да се тргне и да се оди сè повеќе кон електронско здравство.
„Ние бараме од надлежните, на пример, да можеме да искреираме упат кој нема да мора да се печати. Мора да се поедностават работите и за лекарите и за пациентите“, вели Чолакова Дервишова, потенцирајќи дека ова му го предочила и на в.д. директорот Клековски.
За неа нема сомнеж дека лекарите ќе бидат поефикасни ако се намали бирократијата која во моментов е обемна.
„Министерството за здравство и Фондот се институции кои нам ни се многу битни. На состанокот зборувавме за тоа дека многу млади лекари си заминуваат од државата, па тие како надлежни да најдат начин како да се сочуваат проватните здравствени установи и да продолжат да пружаат услуги за пациентите. Побаравме од нив да се покачи капитацискиот бод, кој сега изнесува 75 денари по пациент. Трето, потребно е пациентите да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки. На пример, пациент кој има ампутиран орган, нема зошто наново да оди да бара препораки, кога истата ќе му биде дадена“, вели Чолакова Дервишова.
Освен тоа додава таа, ако некој пациент, на пример, има проблем со тироидната жлезда, лековите кои ги зема се истите и нема потреба повторно да оди на специјалист да му бидат препушувани наново.
„Не треба да ги мачиме пациентите. Во таков случај без потреба се фактурира преглед, се прави гужва, зе малтретира пациентот“, посочува Чолакова Дервишова за Мета.мк.
Според соооштението што го испрати ФЗО, на средбата заеднички било констатирано дека само со дијалог, отворен однос, двонасочна комуникација може да се решат сите проблеми во интерес на лекарите и секако на пациентите.
„Останува да се решат наталожените проблеми како што се барања за уредување на односите ПЗУ и матични доктори, зголемување на капитацијата, како и измени во казнени политики (укинување на дестимулација) и казни изразени во проценти од плата“, соопштуваат од ФЗО.
Како вонредна мерка, велат тие, Здружението на приватни лекари побарало за време на екстремните температури хроничните пациенти да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки, туку да важат старите. За ова барање веднаш е информирано Министерството за здравство.