Вечерва се отвора изложбата на Тијана Борбељ во рамки на фестивалот „Зрно“

Во рамки на овогодинешното трето издание на фестивалот „Зрно“ ќе се отвори изложбата „Еден“ на младата визуелна уметница Тијана Борбељ од Србија вечерва (12 јули) во Мобилната галерија во паркот на франкофонијата во Скопје со почеток во 20 часот.

„Изложбата не враќа во некои минати времиња, ни поставува прашања за сегашноста и ја загатнува иднината, преку нејзините фотографии од стари семејни албуми на ‘фолксдојчери’ од Војводина, најдени на пазари за старудии, кои таа ги облагородува со вез. На отворањето, ќе можете да засадите и семка или плод од билка по ваш избор, за да придонесете со убава енергија во создавањето на новата рајска градина“, истакнуваат организаторите на фестивалот.

Борбељ вели дека со нејзините дела „се обидува да создаде дијалог помеѓу минатото и сегашноста на човековото искуство“. Тие најчесто се базирани на документарен жанр.

Фото: „Зрно“ / Изложба на Хаџи и Копкина

„Тијана решава да додаде елементи од рајот на безгрижни сцени, додавајќи им боја и тактилност. Шарени цвеќиња и многу зеленило буквално се вткаени во овие фотографии со прецизното ткаење на Тијана. Трендафили расфрлани по крошните на дрвата, цветен свод на куќата на шармантен маж, лалиња и сите други цвеќиња се појавуваат на можни и невозможни места на фотографските сцени на среќа, слободно време, формалност, љубов“, посочуваат од „Зрно“ за уметницата.

Инаку, под мотото „Танцот на фотоните“ од 17 до 23 јули во рамки на фестивалот ќе се одржат работилници за благородни фотографски процеси во село Смилево, под водство на, како што тврдат од организацијата, светски фотографи, и се ретка можност за запознавање со фотографијата на вистински начин. Сѐ уште има неколку слободни места за учесници од Македонија.

„Во Смилево, во соработка со ‘МакеДокс’ и НУ ‘Смилевски Конгрес’, ќе се отворат и изложби на Миша Кескеновиќ од Словенија и фото клубот ‘Ирис’ од Темишвар, како и проекција на филмот ‘Манаки приказна во слики’, на отворена проекција сретсело, за да можат и странските и домашните посетители да се запознаат со бардовите на македонската фотографија и кинематографија“, информираат тие.

Дополнително, во организација на фестивалот „Зрно“ во среда (10 јули) во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан се отвори изложба на Наталија Копкина од Хелсинки и Бабак Хаџи од Техеран.

Фото: „Зрно“ / Изложба на Хаџи и Копкина

„Паралелно поставените фотографии на двата автори од навидум далечни култури и фотографски израз, поставени заедно, ни предочуваат суштински прашања за нашето поимање на нас самите. Истата ќе може да се посети до следниот петок, секој работен ден до 15 часот. Зрновци чекаат на вашите коментари, споделувања и впечатоци од двете изложби“, велат од фестивалот.