Најголемиот музички фестивал во нашиот регион „Егзит“ кој се одржува во Нови Сад го започна своето 24. издание на 10 јули. Богатата програма се одржува на повеќе од 40 бини и зони, содржи звучни имиња, а ќе трае до 14 јули.
Помеѓу големиот број на музичари кои се појавија или допрва ќе настапат на „Егзит“ се и македонскиот алтернативен рок бенд „Луфтанза“ кои гостуваа како финалисти на годинешните европски музички награди „Хеми“, а својот настап го имаа синоќа, 11 јули. Додека пак, електричен рок бенд „Фанк Шуи“ ќе настапи во недела, 14 јули.
„Познати по својот одличен звук во живо, нашите бендови ќе настапат на култната ‘Виза Фјужн’ бина препознатлива како збирно место на најзначајните електронски, рок и поп изведувачи од регионот“, се вели во соопштението на „Егзит“.
На бината „Генг Битс“ во недела свој настап ќе имаат Зи Бомб, Матеј Фолц и Јанг Дади, трап изведувачи од Македонија.
Како што информираат од фестивалот, тој започнал со настапи на Бејби Лазања, Инико, Бурак Јетер, Димаш, Вајт Фенг, Теја Дора, Лук Блек и „Кени није мртав“ . А, вчера на Петроварадинската тврдина во Нови Сад пристигнале и Гучи Мејн, Карл Кокс, Оливер Три, КлангКуентстлер, „Рудиментал“ и многу други изведувачи.
Дополнително, во претстојните денови на фестивалот пристигнуваат и хип-хоп и поп бендот „Блек Ајд Пис“, соосновачот на „Рејџ Агенст Д Машин“ – Том Морело, браќата Кавалера, Бонобо, Блек Кофи, Масео Плекс, Сара Лондри, Џон Њуман, „Офенбах“, Стив Анџело, Алтин Гун, Азариа и уште многу други.
Распоредот и целосната програма по бини се достапни на сајтот на „Егзит“ фестивал.
Инаку, оваа година нултиот ден на „Егзит“ беше посветен на роденденот на Никола Тесла.