Во Хотел „Оаза“ во Штип се одржа завршната конференција од проектот „Зелена генерација: училишта за климатска акција“ насловена – Зелена образовна трансформација.
Од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) информираат дека конференцијата завршила со заклучокот дека поставувањето на соларни панели ќе ја зголеми финансиската одржливост и моќ на училиштата. Истовремено, заштедите од струјата ќе им овозможат на учениците, училишните заедници и советите на родители да ги искажат своите потреби кои соодветно ќе може да бидат адресирани преку финансиските заштеди направени преку заштедена електрична енергија.
„На овој начин креираме еколошки самоодржливи училишта кои преку користење на обновливи извори на енергија ја следат зелената агенда и трансформација, притоа влијаејќи позитивно на зелената образовна трансформација“, соопштија од НМСМ.
Проектот „Зелена генерација: Училишта за климатска акција“ има за цел да ги поттикне училишните заедници да превземат активна улога во климатските активности, да ја подобрат енергетската ефикасност и да промовираат одржливи практики.
Во проектот се вклучени вкупно 21 училиште, од општините Берово, Штип и Чаир во Македонија, Ваљево во Србија, Ѓаковица во Косово и Живинице, Лопаре и Грачаница во Босна и Херцеговина.
„По успешното завршување на активностите во трите македонски општини, цело лето ќе се спремаме за следните активности кои ќе се реализираат во Битола“, велат од НМСМ.
НМСМ го спроведува проектот во партнерство со Београдска отворена школа од Србија, „БОНЕВЕТ“ Ѓаково од Косово и „РЕСЕТ“ од Босна и Херцеговина, а финансиски поддржан од „Фондација Отворено Општество“ – Западен Балкан.