Десетта награда за филмот „Бизнисот на задовоството“ на меѓународен филмски фестивал во Уругвај

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски се здоби со награда од „Сине дел Мар“ во Уругвај, адресирана за Дејан Ѓошевски кој стои зад продукцијата на дизајн. Ова е десетто признание кое филмот го добива на меѓународните филмски фестивали во светот.

„Уште една убава вест. Дејан Ѓошевски е добитник на специјална диплома (special mention) за продукција на дизајн во Уругвај. Славиме 10 награди“, се вели во соопштението.

Филмот досега доби три награди за најдобар филм во Јужна Америка, а во септември ќе ја има и својата бразилска премиера на 32. издание на „Еко Сине Интернешнал Филм“ во Сао Паоло. Додека пак, македонската публика ќе има можност да го гледа во кино салите од септември.

„Бизнисот на задоволството“ ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола. Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.