Авиокомпанијата „Виз Ер“ денеска апелираше до патниците да пристигнат на аеродром најмалку 3 часа пред нивниот лет, по тековните проблеми со глобалните ИТ системите.
„Како и сите авиокомпании денес, ‘Wizz Air’ се соочува со екстремни технички предизвици со прекинот на глобалните ИТ системи од трета страна. Патниците на ‘Wizz Air’ може да доживеат прекини низ мрежата бидејќи услугите на вебстраната и мобилните апликации привремено се недостапни“, соопштија од компанијата.
Оттаму посочија дека во моментов не се достапни нивната веб-страница и мобилна апликација, системот за резервации, онлајн системот за пријавување и прикажување на картата за патување, како и контакт центрите за нови резервации и промени на постоечките резервации.
„За време на прекинот, достапно е бесплатно пријавување на аеродромот. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање за да овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола и здравствени и безбедносни процедури специфични за аеродромот“, апелираа од „Виз Ер“.