„Кога почна процесот на инклузија во 2019 година, ние бевме на ставот дека такви измени не се потребни и дека тие не се во интерес на децата и заедницата на лица со попреченост. Видовме дека тие не вродија со плод, односно децата со попрченост не можат да бидат функционални во редовното образование. Не секое дете може да следи редовно образование и не секое дете може да биде прифатено од останатите деца“.
Ова го вели Суарет Алишан од Коалицијата за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“, откако министерката за образование Весна Јаневска во интервју со Радио МОФ рече дека се потребни нови реформи во инклузивното образование и најави широка јавна расправа за да се најде соодветно решение.
Според Алишан, моменталните програми не се поставени правилно, па тоа влијае врз самите деца. Оттука, тие како „Менуваме“ бараат враќање на стариот модел на образование кај децата со попреченост, односно да се подели на деца со попречен вид, на деца со оштетен слух и говор, и за деца со интелектуална попреченост.
„Предложуваме интелектуалната попреченост и те како треба да биде поделена со посебни, специјални училишта кои можат да бидат поставени според функциите на состојбите – аутизам, Даунов синдром или друг вид на попреченост, каде буквално ќе може да му се помогне на детето. Сега, постојат деца со аутизам кои се со висок степен на интелигенција, високофункционални, кои можат да ја следат наставата во редовното школо. Меѓутоа, тоа дете може да држи фокус максимално 3-4 часа“, забележува Алишан.
Ако зборуваме за посебни активности и делови во редовните школи, вели тој, тогаш треба да зборуваме за т.н. ВЕТ простори, ВЕТ услуги.
„Пример, ако на детето со попреченост треба да му објасните биологија, вие му давате учебник. Не. Нема потреба од учебник, туку може да му се оптимизира програмата на таблет. Во вид игра ќе може да се работи со него, да се едуцира. Зборуваме за оптимизација според Индивидуалниот образовен план на детето, или според проценката на МКФ“, посочува Алишан.
Кај слепите лица, вели тој, во редовно школо се случува час по физичко. На часот има едно слепо лице и 30 деца кои играат баскет. Меѓутоа, прашува „како слепото лице ќе игра баскет?“.
„Што ќе прави, ќе седи на клупа и ќе им ги чува алиштата на децата и ранчињата?! Не постои инклузија, не треба да биде така. Ако зборуваме за аспектот на описменување, целта не е слепото дете да го вклучиме во редовно образование, а тоа да не знае да чита Брајова азбука. Таа му помага за неговиот тактилитет, за неговото движење, да препознава предмети и се’ она што ќе му биде корисно во животот. Исто така, за децата со оштетен слух и говор, тие не можат да ја следат редовната настава, бидејќи најчесто тие читаат од уста, читаат преку знаковен јазик“, вели Алишан.
Тој како предлог споменува реверзибилни училишта.
„Училиштето за слепи лица да работи со реверзибилна форма на инклузија, која ќе помогне за инклузивниот карактер. Ако децата со попречен вид одат да учат во редовните училишта по адаптирана програма, зошто деца со типичен развој да не дојдат во училиштата за слепи лица, бидејќи, таму програмата за образование е иста, само што слепите лица учат по Браево писмо, читаат, пишуваат. А, останатите типични ќе можат да учат како во другите школи. Истото може да се случи и во училиштата за оштетен слух и говор, исто така и за интелектуална попреченост, за што е пример е средното училиште ‘Климент Охридски’. Значи, заеднички да ги учат искуствата во нивната пракса и вклучување во општеството“, посочува Алишан, дополнувајќи дека за училиштата на децата со интектуална попреченост, важно е тие да бидат надградени со програми, од интерактивна настава, преку терапија, рехабилитација и се’ она што едно дете треба да го посетува.
„Менуваме“ предложува на децата да им се врати педагошкото домување. Според претставникот на Коалицијата, педагошкото домување им помага на децата да учат едни од други, да се натпреваруваат, надградуваат и да бидат успешни личности.
„Тоа го сака секој родител, како што го сака и самото дете. Децата што поминале низ педагошко домување добро се снаоѓаат во заедницата, тие се функционални и самостојни во животот“, смета Алишан.
Понатаму, бараат реформирање на МКФ-службите, кои изминативе неколку години почнаа да работат за да ја спроведуваат Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје.
„МКФ не е поставено по принципите на попреченостите кои треба да им помогне, да му даде правилна насока на детето, како да се едуцираат и развиваат. МКФ не е само остварување на правото на образование, туку остварување и на социјални права. Ако го прочитате документот (проценката од МКФ до родителите), тој не е мандаторен, туку тој ‘препорачува’ детето да посетува логопед, дефектолог и сл. Бидејќи државата ја има ратификувано Конценцијата за правата на лицата со хендикеп, еден таков документ не смее да го издава МКФ, туку тој треба да ‘задолжува’ детето да посетува дефектолошки третман, педагошки, логопедски и се’ што му е потребно за неговиот развој и понатамошен самостоен живот. Плус, проценката на детето треба да се прави со детето, а не со родителот“, вели Алишан.
Според него, проценката на МКФ треба да се прошири и од аспект на кадарот.
„Ако треба да дадеме проценка на слепо лице, зошто во проценката да не учествува тифлолог, туку специјален едукатор, рехабилитор и офталмолог? Понатаму, за проценка на лица со оштетен слух и говор, зошто немаме сурдолог, додека за оние со интелектуална попреченост – немаме Олигофренолог? Моделот е таков бидејќи студентите на Институтот за специјална едукација и рехабилитација не се специјализираат на овие струки, туку истите учат општа рехабилитација и не можат да бидат корисни во интерес на децата“, смета Алишан.
Оттука, „Менуваме“ предложува струките Олигофренологија, Тифлологија, како и Сурдологија да бидат применети како насока во наставата во високото образование.
„Овие три струки кои ќе ги учат студентите, идните доктори, предавачи и професори, ќе им овозможат да се стекнат со поголемо знаење. Значи, целта е да имаме капацитети кои ќе одговараат на потребите на децата и лицата со попреченост. Затоа бараме овие предлози да се спроведат со законски измени“, посочува Алишан.
Со цел да се вклучи кон јавната расправа за овие прашања, Радио МОФ веќе објави тема со низа ставови од активисти, родители, едукатори и стручни лица кои дадоа различни мислења за тоа како треба да се движи инклузивното образование. Дел сметаат дека враќањето на посебните училишта е чекор наназад и се губи смислата на инклузијата сите деца да бидат заедно, па бараат акцент се стави на развивање на редовните школи во инклузивна смисла. Други даваат предлози да се вратат и реорганизираат посебните училишта, додека трети сметаат дека Центрите за поддршка на учењето треба да бидат носители на инклузијата.
Има уште многу да се направи и научи за инклузивното образование
Бојан Шашевски