Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје апелира до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури.
„Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање на бавчи и ниви, полнење на базени и сл. што предизвикува нестабилност во водоснабдувањето во високите зони на градот, како што е на пример Припор и Сопиште каде во текот на последните неколку денови е забележана енормна потрошувачка на вода, која доколку не се рационализира може да доведе и до прекини во водоснабдувањето“, соопштува претпријатието.
Врз основа на податоците на „Водовод“ за зголемена потрошувачка на водата, дневното производство достигнува и над 340.000 метри кубни вода, што велат е за 30% зголемување во однос на зимскиот период.
„Апелираме до граѓаните на градот Скопје рационално да ја користат и употребуваат водата за пиење, односно да се избегнува полевање поголеми површини, разладување на дворни површини, улици и непотребно трошење на водата за време на топлите денови“, се вели во соопштението.