Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ го организира 17. издание на „Роднокрајни поетски средби“ во петок, 26 јули, со почеток од 17 часот под падините на Беласица, во камениот амфитеатар (ресторан Атлантис) во близина на Смоларски водопад.
„Да го прославиме овој значаен ден за литературата која произлегува од нашите роднокрајни автори, да бидеме присутни на промоциите на двете нови поетски збирки на Марјан Христов Смоларски ‘Смоларе во срце те носам’ и Елизабета Дончевка-Лушин ‘Размена меѓу световите’ и да уживаме во творештвото на дваесетина роднокрајни поети од Струмица и околината“, се вели во најавата за настанот.
Промотор на книгата „Смоларе во срце те носам“ од Христов ќе биде македонски поет Борче Панов, додека поетската збирка „Размена меѓу световите“ од Дончевка-Лушин ќе ја промовира Сузана Мицева. Стихови ќе читаат професорот Павле Стојанов, Наташа Василевска – Трајчевска и Васка Ангелова. Модератор на настанот ќе биде Митко Гогов, а музичката поддршка на талентираниот млад гитарист Душко Никовски.
„Станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и истата има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап. Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби, во иднина оваа манифестација ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, stand up, слем поезија, free style изразување, MC-a и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа“, наведуваат организаторите.
Инаку, „Роднокрајни поетски средби“ досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од Македонија и странство.