Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ во рамки на проектот „Повторно поврзување на реките во Северна Македонија“ ќе ги идентификува и отстрани непотребните бариери на реките Крива Река и Пчиња.
„Ова треба да доведе до подобрување на еколошката состојба на реката и безбедноста на локалните заедници и да послужат како прв пример за обновување на една река кој треба да се преслика низ државата“, велат од „Еко-свест“.
Во првата фаза на проектот, тие изработија научна студија за реката Пчиња „Креирање на методологија и идентификација на приоритетни бариери за отстранување“, која содржи социо-економска и правна анализа, како и детални биолошки истражувања за рибите, инвертебратите и водните макрофити.
Додека пак, во втората фаза на проектот, продложува соработката со релевантните институции заради обезбедување на потребните документи за отстранување на идентификуваните бариери.
„За отстранувањето ќе биде ангажирана градежна компанија која ќе изработи основен проект, додека пак за запазување на еколошките и социо-економските аспекти ќе биде ангажиран тим на експерти за седиментација, рибна фауна и животна средина, кои ќе извршат соодветни анализи и истражувања“, информираат од Центарот.
Со отстранувањето на потенцијалните каскади на Крива река и Пчиња ќе се создаде слободен тек од 77 километри. Дополнително, во процесот ќе бидат вклучени и локалните заедници, а за комуникација со граѓаните на локално ниво ќе биде спроведена и јавна кампања.
„Овој проект не само што цели да ја подобри еколошката состојба на реката, туку и да ја засили вклученоста и ангажираноста на локалните заедници во оваа важна иницијатива. Веруваме дека со заеднички напори ќе ги оствариме поставените цели за одржливо управување со водните ресурси и заштита на природата“, изјави Ѓорѓи Митревски, раководител на програмата води во Еко-свест.
Инаку, во реката Пчиња има дури три ендемски видови на риби, поради што таа ужива посебен заштитен статус во Србија. Свесноста за потребата да се заштити реката е на видно ниво и кај нас, велат од „Еко-свест“. Минатата година жителите на скопско Коњари изразија загриженост за уништувањето на речното корито на Пчиња и побараа нејзина заштита.