[Фото] Дуодрамата „Кенди“ изведена на алтернативниот фестивал „Гига фест“

Синоќа, 24 јули, на првата вечер од мултимедијалниот алтернативен фестивал „Гига Фест“ во Центарот за култура во Крива Паланка беше изведена дуодрамата „Кенди“. Потоа, режисерката Тамара Стојаноска ги посочи предизвиците со кои се соочува независната сцена во Македонија.

„Актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски со својата брутално реалистична и експлицитна изведба на ликовите на Кенди и Даниел, буквално ги ‘истурија’ на малата сцена сите аномалии на современото општество претставени преку зависностите и дискриминацијата на младите“, велат организаторите.

Љубовната приказна во суровиот свет, работена според романот на Лук Дејвис и авторски текстови и материјали од „ХОПС“ – Опции за здрав живот Скопје, според нив, ја покажа и огромната храброст и оригиналност на младата режисерка Стојаноска да се зафати со една ваква тешка тема и да ја претстави на начин што ги поттикнува сите да размислуваат длабоко за значењето на љубовта и човечките вредности во денешното време.

„Иако во светот експерименталните форми се многу развиени, независната сцена кај нас се уште е прилично нова и се соочува со многу финансиски проблеми , со проблеми со простор, нема простор за проби, за претстави. Со последни сили се бориме да преживееме, бидејќи независнaта сцена кај нас многу тешко се сфаќа сериозно, имаме  некои други репертоарски навики. Ексерименталните форми можеби малку и ја плашат публиката, бидејќи се интерактивни и поинакви, се занимаваат со многу потешки теми, но сепак слободата на уметниците и на театариите мислам дека е во независната сцена“, посочи режисерката по изведбата на драмата.

Инаку, „Кенди“ е во продукција на независниот театар „Златен Елец“ и ја има добиено наградата за најдобра театарска претстава „Биш“ на МОТ, како и наградата „Бранко Ѓорчев“ зa најдобра партнерска игра на Интернационалниот фестивал на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино.

„Гига Фест“ продолжува вечерва на платото пред Градскиот музеј во Крива Паланка каде со почеток во 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“. Потоа, од 21 часот следува музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.

Второ издание на мултимедијалниот алтернативен фестивал „Гига Фест“ во Крива Паланка