Водата во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, делот кој најчесто се користи за капење, спорт и рекреација се категоризира хемиски на прва, а микробиолошки на одлично ниво, што според соодветната законска регулатива, оваа површинска вода може да се користи за капење, спорт и рекреација, соопштија од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Охрид.
Ова следува откако ЦЈЗ во периодот од 10 до 24 јули изврши узоркување и физичко-хемиска и микробиолошка анализа на повеќе од 30 примероци на површинска вода, земени во крајбрежниот дел од Охридското Езеро, на потегот од плажа Св. Наум до с. Радожда.
„Квалитетот на површинската вода од трите реки кои се вливаат во Охридското езеро од македонска страна, река Велгошка, река Коселска и река Сатеска, во месец јули останува непроменет како и во претходниот период-месец мај-јуни, односно реките се категоризираат, хемиски на втора/трета класа, а микробиолошки на незадоволително, односно на петта класа. Согласно постоечката законска регулатива, потенцираат, овие реки претставуваат загадувачи на Охридското Езеро“, посочија од ЦЈЗ Охрид.
Во меѓувреме, тие посочуваат дека високата моќ на самопрочистување на Охридското Езеро придонесува, капалиштата, во најголемиот дел да ги задоволуваат законските прописи и норми за површинска вода која може да се користи за капење, спорт и рекреација.
„Апелираме до сите посетители на капалиштата и капачи да се придржуваат кон основните хигиенски норми и правила на однесување насочено кон зачувување на квалитетот на животната средина“, додаваат оттаму.